Центарот за вработување Куманово додели сертификати за успешно завршена обука на невработени

Сподели со своите пријатели

Околу 50 невработени млади лица, активни баратели на работа, денеска добија сертификати за успешно завршена обука во Центарот за вработување Куманово. Дел од нив завршија обука за негувател на стари и немоќни лица во домашни услови, дел завршија обуки за советување и претпримеништво, дел за сметководство.

– Обуките се реализираат преку ИПА проектот за поддршка за вработување на млади кој што е финансиран од оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2013 година, а се спроведува преку АВРМ, изјави, в.д. раководителот на Центарот за вработување, Марија Димитријевска.

Лицата кои посетуваа обука се млади до 29 годишна возраст и треба да се се евидентирани како невработени лица, активни баратели на работа пред објавување на огласите за соодветни обуки. На ниво на државата, појасни Димитријевска, опфатени се 440 лица, од кои 220 се обучуваат за напредни компјутерски вештини, а 210 за дефицитарни занимања, занимања барани на пазарот на трудот на одредено локално подрачје.

– Во Куманово тоа се овие занимања за кои денеска, доделуваме сертификати, службеник во книговодство и обука на негуватели на стари и немоќни лица во домашни услови, изјави Димитријевска.

Невработените лица кои денеска ги добија сертификатите велат дека обуките се добро осмислени, предавачите целосно се посветени на обуките.

– Презадоволна сум од обуката предавачите беа стручни ни го пренесоа знаењето не се штедеа во тој поглед и сметам дека оваа обука е доста корисна и можеме да ја употребиме во понатамошниот живот при барање на работа, изјави, Лидија Ѓорѓевиќ, невработено лице кое доби сертификат за успешно помината обука за претприемништво.

Фета Хусеиновски, 23-годишен невработен пак ја искористил обуката за негувател на стари лица. Смета дека со оваа обука и неговото претходно образование, средно медицинско ќе има можност полесно да најде вработување.

Извор: МИА

Loading...