Барањето за ревизија на Општина Куманово процесирано до ДЗР

Сподели со своите пријатели

Барањето за спроведување ревизија на финансиското и материјалното работење на Општина Куманово во времето на градоначалникот Зоран Дамјановски е процесирано до Државниот завод за ревизија, од страна на актуелниот прв човек на градот Максим Димитриевски.

Согласно едногласната одлука на членовите на Советот на Општина Куманово, донесена на втората седница, ќе се бара ревизија за подолг временски период, за да се утврди како работела локалната самоуправа во минатото, со оглед дека сега има големи долгови и блокирана сметка.

– Барањето е процесирано, одлуката како што е донесена на советот е процесира на Државниот завод за ревизија, останува на нив да утврдат согласно нивните проценки каква ревизија и е потребна на Општина Куманово, секако јас како нов градоначалник ќе се залагам за транспарентно работење и досегашното работење да биде исто така доведено пред јавноста, односно да биде прикажано пред јавноста на кој начин и како е работено во Општина Куманово. Согласно оваа одлука исто така и нашите планови како Општина Куманово, во следната година согласно моите законски овластувања да издадам налог до општинската ревизија која е под раководство на градоначалникот да изврши увид и ревизиско работење во јавните иснтитуции и јавните претпријатија на нашата општина, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

Ваквата одлука советниците, но и новиот градоначалник претходно ја оправдаа со фактот дека Општина Куманово работи со долгови и не може да спроведува проекти, со оглед дека сметката е блокирана.

Веќе на третата седница на Советот, градоначалникот Димитриевски во јавноста презентираше информација дека локалната самоуправа заедно со јавните претпријатија има долг од 820 милиони денари, од кои 12 милиони само кон ЕВН Македонија, од каде добиле опомена дека доколку не биде сервисиран долго, градот ќе остане без улично осветлување, а воедно струја ќе нема и за општинските простории.