Бар Гладијаторс со проект за децата со пречки во развој

Сподели со своите пријатели

Членовите на Бар Гладијаторс во недела во паркот зад економското училиште „Перо Наков“ организираат голем спортски хепенинг за децата за хендикеп од сите основни и средни училишта во градот.

Проектот предвидува едноставни и лесни дисциплини во блага форма наменети за извршување на терен според можностите на самите деца.

– Станува збор за прв настан кој го организира Бар Гладијаторс каде се вклучуваат сите деца со пречки во развој, односно хендикепирани деца кои имаат посебни образовни програми. Целта на проектот е социјализација дружба, да им овозможиме да децата да се чувствуваат еднакво, тоа е целата намена на самиот проект. Ќе има различни возрасти во завиност од нивната физичка подготвеност и годишна возраст ние имаме определено повеќе различни групи и врз основа на тоа ќе им зададеме одредени задачи кои тие ќе треба да ги исполнат и на тој начин воедно ќе се забавуваат – изјави Даниел Каранфиловски, Бар Гладијаторс.

Децата со пречки во развој ќе имаат можност да чекорат во брз и спор тек, да направат чучњеви, но и вежби со раце, зависно од нивните можности.

Претходно членовите на Гладијаторс имаат поделено информативни флаери со информации каде да се пријават заинтересираните, а како што информираше Каранфиловски, веќе се пријавени поголем број заинтересирани

– Ги имаме опфатено сите основни и средни училишта во Куманово, од „Браќа Миладиновци“ очекуваме 60 деца со пречки во развој, од ООУ „11 Октомври“ имаме девет деца, од „Кочо Рацин“ осум, од „Наце Буѓони“ имаме едно дете со церебрална парализа и од останатите основни училишта се уште немаме информации колку деца ќе присуствуваат на нашиот настан. Поради недостаток на финансиски средства однапред се извинуваме на основните и средните училишта од албанска припадност, се надеваме дека по успешната реализација на овој проект во иднина ќе бидат повикани и поединци од нивните училишта, додава Каранфиловски.

Поддршка за проектот Бар Гладијаторс има од физички и правни лица од Куманово, но ги повикуваат и останатите кои сакаат да се придружат на проектот.

Според најавите на метеоролозите дождот ќе престане, па организаторите ги повикуваат кумановци во што поголем број во недела во 11 часот да бидат дел од овој настан.