Азиските берзи пораснаа на почетокот на неделата

Сподели со своите пријатели

Цените на акциите пораснаа на азиските берзи во понеделникот, по растот на Волстрит, бидејќи инвеститорите се надеваат дека американската централна банка нема дополнително да ги зголеми каматните стапки во јуни.

Loading...

Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион, без Јапонија, беше во плус 0,3 отсто за околу 7 часа.

Истовремено, јапонскиот индекс Никеи зајакна за 1,8 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Хонг Конг, Јужна Кореја и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 1 отсто.

Азиските инвеститори беа охрабрени од силниот раст на цените на акциите на Волстрит во петокот, откако американскиот Конгрес го поддржа Законот за фискална одговорност.

Со тоа е суспендиран лимитот за задолжување на американската влада од 31.400 милијарди долари, со што се спречи евентуалниот банкрот на најголемата светска економија.

Дополнително, инвеститорите се повеќе се убедени дека ФЕД ќе направи пауза од дополнителното зголемување на каматните стапки во јуни, а можеби и во јули, најмногу благодарение на податоците од американскиот пазар на труд.

Имено, во мај бројот на вработени во САД е зголемен за 339 илјади, значително повеќе од очекуваното.

Но, стапката на невработеност достигна највисоко ниво во последните седум месеци од 3,7 отсто, што покажува дека се повеќе луѓе бараат работа и дека условите на пазарот на трудот се олеснуваат.

Loading...

Имено, повеќе работна сила го намалува притисокот врз компаниите да ги зголемат платите, што помага да се забави инфлацијата.

Најновите податоци ги поддржаа надежите дека ФЕД ќе паузира со затегнување на монетарната политика.

Така, пазарот на пари проценува дека има повеќе од 70 отсто шанси ФЕД да не ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени на јунската сесија.