Азербејџан ги обвини ерменските сили дека отвориле оган, Ереван негираше

Сподели со своите пријатели

Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека денеска и вчера ерменските сили отвориле оган врз позициите на азербејџанските вооружени сили на границата со Ерменија и во Нагорно Карабах, кои одговориле со иста мерка.

Loading...

Како што се наведува во соопштението, ерменските сили стационирани во областите Басаркецер и Чамбарак 19 пати отвориле оган врз позициите на азербејџанската армија во областите Дашкасан, Калбаџар и Гадабај.

Припадниците на илегалните вооружени групи на Ерменија на територијата на Азербејџан, каде што е привремено распореден рускиот мировен контингент, ги гаѓале позициите на азербејџанската армија во правец на градот Шуша, се наведува во соопштението.

Ерменија ги отфрли обвинувањата на Азербејџан како невистинити, пренесе ТАС С.

Најавата на Министерството за одбрана на Азербејџан дека на 5 март и во раните утрински часови на 6 март ерменските сили наводно отвориле оган врз азербејџански позиции на ерменско-азербејџанската граница е дезинформација, соопшти денеска прес-службата на Министерството за одбрана на Ерменија.

Воените сили на Ерменија и Азербејџан се вклучени во граничен конфликт од 12 мај 2021 година, кога азербејџанските војници преминаа неколку километри во ерменските провинции Сјуник и Гегаркуник, окупирајќи околу 41 квадратен километар од ерменската територија.

Нагорно-Карабах е спорна територија, бидејќи му припаѓаше на Азербејџан по распадот на поранешниот Советски Сојуз, а е населен главно со Ерменци.