Асфалтирањето на низа улици во Куманово ќе почека подобри времиња

Сподели со своите пријатели

Дел од улиците кои требаше да се реконструираат годинава со програмата за развој на Општина Куманово ќе почекаат подобри времиња. Советниците на денешната 12. седница изгласаа измени со кои се пренасочуваат дел од средствата, па освен улиците ќе почекаат и градинките и подземните паркинг места.

Како што посочи советникот Зоран Петрушевски, градинката која требаше да се изгради во населбата Гоце Делчев на улицата „АВНОЈ“ нема да биде скоро, затоа што предвидените 880.000 денари за изготвување техничка документација за истата драстично се намалуваат на 141.000 денари.

Подземниот паркинг простор кој бил предвиден со програмата под малиот градски плоштад, исто така ќе почека подобри времиња, затоа што предвидените 800.000 денари за плановите се намалени на 1.000 евра и тоа дури во 2019 година.

Измените на програмата кратат средства и за низа улици во градот кои требаше да бидат реконструирани годинава.

– Улица „Илинденска“ од „Народна Револуција“,  износот во колона 2018. година од милион денари се заменува со нула, улица „Доне Божинов“ позади зградите 7 и 9, износот од 2 милиони се заменува со нула, понатаму дел од улица Ѓорче Петров кон „Октомвриска револуција“ од 2 милиона се заменува со нула, изградба на дел од булевар „3 МУБ“ од три милиони денари се заменува со износот нула. Улица „Пелинце“ од „Ленинова“ до „Панче Пешев“ од милион на нула, улица „Индустриска“ од 1,8 мил на нула, улица „Бошко Буха“ од милион на нула, така да сите овие нови работи што се вметнуваат, се вметнуваат така да се каже на тоа што нема да бидат воопшто ниту планирани некои работи на кои сме се надевале дека ќе го здогледаат светлото на денот, едноставно оние кои нешто чекале ќе продолжат да чекаат, би рекол да не се надеваат ако некој лажно ги информирал, рече Зоран Петрушевски, советник од опозицијата.

Според излагањето на Петрушевски, кој рече дека нема да поддржи вакви измени, без ветените улици остануваат и жителите на месноста Гладно Поље во населбата Перо Чичо, каде од 2,4 милиони денари предвидените средства се намалуваат на 27.000 денари.

Со измените на програмата за градежно земјиште пак се предвидува поставување на столбчиња на тротоарите кои треба да ги спречат несовесните граѓани да ги користат како паркинг места. Воедно средствата за одржување и поставување на вертикална сигнализација исто така се намалени, а се предвидува изградба на кружни токови.

Leave a Reply