Аргентина: Наплив на трудници од Русија, бараат државјанство за своите деца

Сподели со своите пријатели

Аргентинските власти се загрижени поради големиот број бремени Русинки кои неодамна влегле во земјата, така што нивните деца автоматски ќе добијат аргентинско државјанство, што ќе им го олесни процесот на државјанство на родителите.

Loading...

Шефот на аргентинскиот оддел за миграција, Флоренсија Карињано, изјави дека на шест бремени Русинки им бил забранет влезот во земјата оваа недела поради нивното лажно тврдење дека доаѓаат во Аргентина за туризам, пренесува АП.

Русинките на крајот добија привремен влез во земјата, а овој случај го привлече вниманието на феноменот руски трудници кои влегуваат во Аргентина за да се породат таму.

Карињано објави дека минатата година во Аргентина влегле вкупно 21.757 руски државјани, а од тој број околу 10.500 биле трудници.

„Во последните три месеци во Аргентина влегле 5.819 трудници“, додаде Карињано.

Аргентинските власти сега спроведуваат истрага за да откријат дали криминална организација стои зад овој налет на руски трудници.

Граѓаните на Русија можат да влезат во Аргентина без виза.

Децата родени во таа земја автоматски добиваат аргентинско државјанство, а на нивните родители процесот им е забрзан.

Loading...

Странците кои бараат аргентинско државјанство ги привлекува бесплатната здравствена заштита, како и пасошот со кој е можно да се патува во 171 земја во светот без виза.

„Проблемот е што овие луѓе доаѓаат во Аргентина, потоа ја напуштаат земјата и не се враќаат, но ја напуштаат земјата со аргентински пасош“, рече Карињано.

На почетокот на декември во Словенија беа уапсени двајца наводни шпиони со руско потекло, од кои едниот имал аргентински пасош, што предизвика загриженост во Буенос Аирес.

Карињано повика на построги проверки на издавањето на аргентинските пасоши, додавајќи дека во спротивно „другите земји повеќе нема да имаат доверба во аргентинските патни документи“.