Акција за чистење околу Спомен Костурницата во Куманово

Сподели со своите пријатели

Екипи на ЈП „Чистота и Зеленило“, членовите на здруженијата „Кумановски акцијаши“ и „Скаут“ денеска го чистеа локалитетот околу Спомен Костурницата во Куманово и насадија нови садници.

Акцијата за чистење се одржува во рамките на проектот „Зелено Куманово“ кој што здружението „Кумановски акцијаши“ го спроведува во соработка со локалната самоуправа.

Во рамки на акцијата исчистени се мини депониите од смет и шут. Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски вели дека и покрај тоа што локалитетот не е во надлежност на општината, преку јавното претпријатие и невладините организации се преземаат мерки за чистење на овој значаен Споменик каде почиваат коските на учесниците од НОБ.

– Во рамки на можносите преку ЈП „Чистота и Зеленило“ и покрај тоа што не е обврска на општината, се грижиме за чистење и одржување на местото но за жал нема одговорни лица кои треба да се грижат за сигурноста, како што тоа функционираше во минатото обезбедени чуварски служби кои ќе внимаваат како се однесуваат граѓаните кои доаѓаат на оваа локација, рече Димитриевски

Тој апелираше до надлежните, Министерството за култура и Националниот конзерваторски центар да поведат грижа за овој споменик кој често е мета на вандалско однесување на неодговорни граѓани и побара од надлежните, локацијата да ја предадат во владение на локалната самоуправа, за да може да се грижи за овој локалитет.

Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Петрушевски, информираше дека наредниот период на оваа локација ќе бидат засадени нови 3.000 садници, со што хортикултурно ќе се уреди овој простор.

Претседателот на здружението „Кумановски акцијаши“, Јусуф Љатифи вели дека лани, заедно со надлежното претпријатие чистеле 13 пати, но дека и утрово забалежале диви депонии од смет и шут и откронати садници.

Повика на совесно однесување на граѓаните во однос на заштитата на животната средина. /МИА

Leave a Reply