АДСДП го враќа стариот ценовник за користење на Градскиот стадион

Сподели со своите пријатели

Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор го повлече новиот ценовник за користење на Градскиот стадниот и го враќа во сила стариот ценовник, со одредени корекции.

Тоа го изјави директорот на АДСДП Кристијан Трајковски, по денешниот работен состанок со сите засегнати страни од новиот ценовник за користење на услугите на Градскиот стадниот во Скопје.

– АДСДП го затекнавме со исклучителни загуби, посебно во делот на работењето на стадионот, кои во наредниот период заедно со Агенцијата за млади и спорт ќе бараме решение кое ќе биде во интерес и на македонската јавност и на сите клубови го користат стадионот. Новиот ценовник на наредниот состанок ќе биде вон сила и ќе стапи во сила стариот, кој ќе биде дополнително корегиран во делот на финансиите и ќе се намалат одредени делови на цените што ќе овозможат на останатите клубови да го користат и понатаму. За финансиските загуби ќе бидете известени на посебна прес-конференција, изјави Трајковски.

Прашан колку ќе чини сега еден натпревар во Лига Европа во вечерен термин, Трајковски рече дека по неговото усвојување на итна седница тој ќе биде дополнително и транспарентно објавен на веб страницата на АДСДП.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, рече дека во иднина во интерес на националниот спорт Агенцијата ќе ги поддржува и заеднички ќе изнаоѓа решение за мотивирање и поттикнување на клубовите за постигнување врвни резултати.

– Секоја одлука што ќе се носи од АМС или генерално од новата Влада ќе биде на транспарентен начин каде ќе бидат прашани сите инклузивни страни, односно сите одлуки ќе бидат донесени на транспарентен начин, изјави Каевски.

Извршниот директор на ФК „Вардар“ Самуел Симев, ја поздрави иницијативата за разгледување на новодонесениот ценовник од АДСДП и денешниот работен состанок.

Прашан дали се враќа „Вардар“ на „Филип Втори“ Симев, рече дека тоа ќе треба да се разговара на Управен одбор и да се донесе одлука, за која дополнително ќе информираат.

Извор: МИА

Loading...