Во вечерашното гостување во централниот Дневник на телевизија Сител, независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски потенцираше дека граѓанскиот концепт „За наше Куманово“ ја има предноста затоа што добива поддршка од сите политички партии.
„Жално е што на пример субјектот кадешто се уште сум член падна на една бројка од околу 7000 гласови. И денеска се поставува прашањето, каде се гласовите на СДСМ? И зошто од 27 спадна на една толку ниска бројка на гласови, а дополнително ние ја добиваме поддршка од сите и од членови и симпатизери на СДСМ, и од членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, и од албанските партии, најважно и од оние кои се подзаборавени со децении, а тоа се неопределените кои велат „не припаѓам ни таму, ни ваму“. Сега се токму тука, во граѓанскиот концепт „За наше Куманово“ бидејќи даваме еднакви права и можности на сите. Кај нас нема приоритет кај нас приоритет се граѓани. Немало предизборни коалиции, доколку имаше тогаш ќе имаше кандидати на тие политички партии. Но, секоја поддршка е добредојдена. Ја барам поддршката и од моите социјалдемократи, еднаш засекогаш да се испрати порака дека Куманово ниту можело, ниту пак може да биде приватна сопственост, а најмалку приватна фирма на поединци“, истакна Димитриевски.
Во Дневникот, тој рече дека во рамки на кампањата не го користи зборот „ќе“, туку „ние направивме“. Во изминатиот период реализирани се голем број на проекти, како 13 современи нови игралишта, нови детски катчиња, нов парк, а со исто темпо ќе се продолжи да се развива Куманово.