Изградба на пет нови кружни тека во Куманово, проширување на пешачките зони, но и воспоставување на т.н. велосипедски прстен се само дел од проектите од областа на инфраструктурата кои денеска на прес конференција ги најави кандидатот за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“, Стефан Петковски.
Како што рече Петковски „За наше Куманово“ има за цел да продолжи да вложува во патната инфраструктура.
– Нашиот план на тоа поле е да изградиме 5 нови кружни тека, на крстосница помеѓу улиците „Бајрам Шабани“, булевар „Трета МУБ“ и улица „Гоце Делчев“ (локалитет Серава). На крстосница помеѓу булевар „Октомвриска револуција“ и булевар „Трета МУБ“. На крстосница помеѓу булевар „Октомвриска револуција“, улица „Доне Божинов“ (во близина на бензинска станица „Макпетрол“). На крстосница помеѓу булевар „Трета МУБ“ и улица „Тоде Мендол“ (градски пазар) и кружен тек на раскрсница помеѓу булевар „Трета МУБ“ и улица „Видое Смилевски Бато“ (влез во с. Проевце), рече Петковски.
Како што рече тој, во две фази ќе се имплементира планот за подобрување на Куманово со воведување на пешачка зона во централното градско подрачје.
– По победата на локалните избори, во следните 4 години, ќе почнеме со градење на велосипедски прстен. Ќе направиме редефинирање на постоечки сообраќајници и обезбедување на континуитет со движење на велосипед по сигурни и по безбедни траси, со формирање на велосипедски прстен во две фази. Во Фаза 1 е превидено Траса која почнува од кружниот тек на влезот од градот, по должина на булевар „Трета МУБ“ од две страни, по должина на булевар “Октомвриска револуција“ до поранешен Ловечки дом од двете страни, улица “Доне Божинов“, улица „11 Октомври“, сè до повторно враќање на кружниот тек на влезот од градот. Во Фаза 2 е предвидено Траса по должина на улиците: „Народна револуција“, „Гоце Делчев“, „Ѓорче Петров“, „Видое Смилевски Бато“, „Бајрам Шабани“, „Братство Единство“, „Моша Пијаде“ и „Браќа Рибар“, потенцираше тој.
Петковски најави дека ќе следува реконструкција и изградба на тротоари, ослободување на постојните тротоари од паркирани возила со метални столпчиња и ставање во функција на пешаците, со дополнително поставување на урбана опрема по нивна должина.
– Во делот на сообраќајната инфраструктура ќе го реализираме Планот за одржлива урбана мобилност Куманово 2020/2030, кој што е усвоен од Советот на општината. Во нашата програма, исто така предвидено е и воведување на нови автобуски линии, но и модернизација на јавниот градски превоз , модернизирање на автобуски постојки со истакнување на возен ред и линии, безжичен интернет и ГПС систем, изјави Петковски.
Тој ги повика граѓаните во недела, на 31-ви октомври да им ја дадат довербата за да можат, како што посочи, да продолжиме со развојот и грижата За наше Куманово!
– Дозволете ни да го направиме Куманово поубаво место за живеење. Дозволете ни да направиме позитивни промени во секој сегмент од општественото живеење. Ајде заеднички да вложуваме, да се грижиме за општината. Куманово е на сите нејзини граѓани и со ваков пристап мораме да продолжиме со имплементирање на локалните политики. На 31-ви октомври ве повикувам да не поддржите и заеднички да издвојуваме една голема победа за Куманово, вели Петковски.