560 деца сè уште чекаат за прием во градинка во Куманово

Сподели со своите пријатели

За над 560 дечиња во Куманово се уште нема место во детска градинка, толкава е бројката на родители кои чекаат ред по поднесените барања нивното дете да тргне во воспитно образовната установа „Ангел Шајче“.

Отворањето на градинка во Старо Нагоричане и во Пионерскиот дом ни одблизу не го реши овој горчлив проблем за кумановци, напротив на последната седница на Советот на Општина Куманово, беше донесена одлука за зголемување на проектираниот капацитет од 1.144 на 1.960 деца.

– Ќе има некаде 20 до 30 отсто над проектираниот капацитет, меѓутоа сите пракси не само во Куманово, туку во сите градинки, до 30 отсто од децата дневно не се присутни, некои од оправдани причини не се во градинка, па тој број сепак доаѓа во рамките на проектираниот капацитет. Во група сепак бројката изнесува од 30 до 32 дечиња во зависност од возраста, во јаслените групи каде се помали, таму бројката е помала, додека во поголемите групи е поголем бројот, вели Марина Алексовска, директор на градинката „Ангел Шајче“.

Од септември нови 420 до 430 дечиња ќе тргнат во градинка, што всушност е бројката на дечиња кои годинава ќе тргнат во прво одделение.

Во рамките на работата на ЈОУ Детска градинка „Ангел Шајче“ со измените на статутот изгласани исто така на последната седница, влегуваат и новите објекти, „Изворче“ кој е во Старо Нагоричане и новиот објект во поранешниот Центар за детско творештво Пионерски дом, објектот „Детелинка“, како и двата центри за ран детски развој „Бамби“ во ООУ „11ти Октомври“ и „Сонце“ во „Христијан Карпош“.

Leave a Reply