52 лица ќе добијат лиценци за туристички водичи за Кокино

Сподели со своите пријатели

Во Музејот на македонската борба во Скопје  в четврток 52 туристички водичи ќе добијат уверенија и лиценци за туристички водичи за локалитетот Кокино, бидејќи од 1. август годинава само лиценцирани водичи ќе можат да изведуваат тури на арехео-астрономскиот локалитет, најави денеска директорката на НУ Музеј Куманово, Анита Цветановска.

Овие водичи, додаде, претходно поминале бесплатна обука и сертификација за туристичко водење на локалитетот која ја одржале арехеолози од установата. Обуките и доделувањето на сертификатите и лиценците се реализираат преку проект на УСАИД за експанзија на мали и средни бизниси.

НУ Музеј донесе одредени измени во поглед на туристичката дејност со локалитетот и една од нив, со која, појасни Цветановска, се обезбедува одржлив финансиски модел за развивање и промовирање на архео-астрономскиот локалитет Кокино е одлуката да се започне со наплата на влезница за посета на локалитетот

Наплатата ќе се врши преку купување карта од чуварот на влезот на локалитетот или преку уплата на жиро сметката на НУ Музеј Куманово, поединечно или за група на посетители, со прикажување потврда за уплатата на чуварот на влезот на локалитетот – изјави Цветановска.

Со ова, додаде Цветановска, ќе се обезеди поинтензивна промоција на локалитетот, но и ќе се обезбедат финансиски средства кои ќе придонесат за самоодржување на локалитетот.

Од 1. август годинава водењето тури на Кокино ќе биде дозволено само за туристички водичи кои ја имаат поминато обуката и се со сертификат за туристичко водење на локалитетот одржана од страна на НУ Музеј Куманово. Претходно, преку проектот на УСАИД за експанзија на мали и средни бизниси, направена е мобилна апликација, поставени се патокази и инфо табли и оградени се неколку точки на локалитетот.

Преземено од Курир