13 возила извлечени од патот Куманово – Свети Николе

Сподели со своите пријатели

Како што стои утринава во извештајот на Регионалниот центар за управување со кризи, на патниот правец Куманово – Свети Николе кај селото Павлешенце од кумановска страна патот е исчистен и прооден.

Вчеравечер патот беше затворен во двата правца, откако низа возила останаа завеани на патот. Фирмата „Бијановце Промет“ која била ангажирана од „Македонија Пат“ успеала да ги спаси 13те возила кои биле заробени кај селото Павлешенце.

Од страна на Свети Николе останале заробени три автомобили, едно тамче и четири шлепери, каде утринава се упатиле две полициски возила од Штип и едно возило за разбивање на наносите од снег, по што патот сега е прооден, но се препорачува внимателно возење.

На патниот правец Куманово – Крива Паланка сообраќајот се одвива отежнато поради наноси од снег.

На планинскиот премин Плетвар и на патните правци Маврово – Дебар сеуште важи забраната за движење на тешки товарни возила. Затворени се за сообраќај патиштата кон селата Герман, Гошинце и Алешевце, а поради наноси од снег во прекин е сообраќајот на патниот правец Прилеп – Витолиште.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е почеста појава на одрони, особено на патните правци: Кочани -Мак. Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Д. Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Сообраќајот во Куманово се одвива во екстремно тешки услови и слабо исчистени патни правци. Завеани се скоро сите села, а слабо пристапни се и патиштата до приградските населби.

ВОЗЕТЕ ВНИМАТЕЛНО!