11 години без Тоше

Сподели со своите пријатели

Единаесет години без ангелскиот глас на Тоше Проевски, денеска одбележуваат Македонија, но и целиот Балкан од денот кога поп иконата на македонската музика загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска.

Маратонци од повеќе градови и денеска трчаат маратон до Крушево, каде и се наоѓа неговиот гроб, а секоја година традиционално се одржува и манифестацијата „Ѕвезденото небо на Тоше“.

Во моментот кога започна да се пробива на меѓународната сцена неговиот живот згасна. Постхумно беше објавен и неговиот албум на англиски јазик „The Hardest Thing“, како и неколку други песни на српски и англиски јазик.

Тоше објави седум албуми на македонски и српски јазик, важеше за неповторлив хуманитарец, кој не се фалеше со своите дела.

Тодор Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981. Музичката кариера ја започнува со настапот на прилепскиот фестивал „Мелфест“ во 1997, каде што и победил изведувајќи ја песната на „Yesterday“ од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998).

Имал блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Phoebus, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори.

Се смета дека подемот во неговата кариера започнал по изведбата на песната „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ на „Скопскиот фестивал“ во 1999 година. Во меѓувреме Тоше станал дел од продуцентската куќа „Авалон“, каде што останал се до истекувањето на неговиот договор во април 2002.

Во 2004 година бил прогласен за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Негов заштитен знак е познатиот израз „Ве сакам сите“.

Leave a Reply