ЗОИ 2018: За Јужнокореанките златото, за Холанѓанките светски рекорд

Сподели со своите пријатели

Јужнокореанките го освоија златото во штафетата на кратки патеки во брзо лизгање на 3.000 метри на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, а Холандија, иако на истата делница постави нов светски рекорд, мораше да се задоволи само со бронзениот медал.

Штафетата на Јужна Кореја во состав Шим Сук-хи, Чои Мин-џоенг, Ким Је-џин и Ким А-ланг беше најбрза во А-финалето со време 4:07.361 минути и ја одбрани титула освоена пред четири години во Сочи.

Среброто го освои штафетата на Италија, но најинтересна беше борбата за бронзата која во А-финалето не ја добија репрезентациите на Кина и Канада бидејќи беа дисквалификувани.

Поради тоа одлуката за бронзата беше префрлена на Б-финалето во кое триумфираа Холанѓанките во состав Сузан Шутлинг, Јара ван Керкоф, Лара ван Руивјен и Јориен тер Мос, кои со време од 4:03.471 минути поставија нов светски рекорд.

Второто место во Б-финалето го освоија Унгарките, а за парадоксот да биде уште поголем исто така имаа подобар резултат (4:03.603 минути) од Јужна Кореја и Италија, но сепак завршија на четвртото место./МИА

Leave a Reply