ЗОИ 2018: Кинезот Дацзин го освои златото на 500 метри спринт во „шорт трек“ со нов светски рекорд

Сподели со своите пријатели

Кинезот Ву Дацзин стана олимписки шампион во спринт на 500 метри „шорт трек“ за мажи со нов светски рекорд. Првата тројка ја додаваат двајца претставници на Република Кореја, втор е Хван Дехон, а трети Лим Ен Чин.

Дацзин го собори светскиот рекорд во четвртфиналните серии со време 39.800 секунди, откако го подобри досегашното врвно достигнување на Американецот Џон Селски од Калгари во 2012 година.

Во финалето, Ву вторпат го подобри рекордот на денот, совладувајќи ја конкуренцијата со време 39.584 секунди и донесе прво злато на Кина од Игрите во Пјонгчанг и прво воопшто за земјата во оваа дисциплина.

Вториот Хван заврши за 39.854, а олимпискиот шампион на 1.500 метри Лим остана на третото место на кратко растојание со 39.919.

Со триумфот, 23-годишниот Ву го подобри своето достигнување од Олимпијадата во Сочи пред четири години, кога беше втор на 500 метри.

Кинескиот репрезентативец, исто така, е двократен светски шампион на оваа далечина.

„Шорт трек“, 500 метри, мажи, Финале А:

1. Ву Дацзин (Кина) – 39.584 секунди – светски рекорд

2. Хван Дехон (Република Кореја) – 39.854

3. Лим Ен Чин (Република Кореја) – 39.919

4. Самуел Жирар (Канада) – 39.987 /МИА

Leave a Reply