ЗНМ бара итно ослободување на новинарот Божиновски

Сподели со своите пријатели

Здружение на новинарите на Македонија објави денеска Декларација посветена на новинарот Зоран Божиновски, кој е во затворот во Шутка откако е испорачан од српските власти, поради сомневања во случајот „Шпион“.

„Ние, македонските новинари од Собранието на Здружението на новинари на Македонија – упатуваме силна поддршка за нашиот неправедно обвинет и притворен колега Зоран Божиновски.

Loading...

Бараме од судските власти Божиновски веднаш да биде ослободен од вина и да биде пуштен на слобода од Истражниот затвор во Скопје.

Колегата Божиновски на 7 ноември 2013 година беше уапсен во Нови Сад со потерница од Интерпол како еден од осомничените во случајот „Шпион“ со обвинение за злосторничко здружување, шпионажа и уцена според Кривичниот закон на Македонија и од тогаш се наоѓаше во екстрадиционен притвор. Поради неможноста во Македонија да му се овозможи праведен судски процес и поради политичкиот прогон, Божиновски во меѓувреме побара азил во Република Србија. Тој ја чекаше одлуката од слобода, но и покрај настојувањата на здруженијата на новинарите на двете земји српските власти да му дадат азил на Божиновски тие му го одбија барањето и тој на 21 овој месец експресно беше екстрадиран во земјава и притворен.

Уверени сме дека овој случај ќе биде забележан во историјата на македонското новинарство, како класичен пример за постигнување ефект на страв, дисциплинирање и самоцензура кај новинарите, истовремено уште една лоша порака за останатите новинари кои ги истражуваат врските на бизнисот, политиката и криминалот и целосно обесхрабрување на истражувачкото новинарство во земјава.

Нашата порака е јасна и недвосмислена – Божиновски мора да биде ОСЛОБОДЕН – ВЕДНАШ!!! Неприфатлив е било каков друг исход од ова политички монтирано обвинение за негова наводна кривична одговорност.

Колега Божиновски, ние членовите на ЗНМ, со оваа Декларација изразуваме подготвеност и те уверуваме дека со заеднички сили ќе ја водиме оваа битка до краj.“