ЖРК Куманово со убедлива победа во Прилеп

Сподели со своите пријатели

Ракометарките на Куманово впишаа нова победа во рамките на домашната Женска ракометна супер лига, откако на гостински терен вчера го совладаа составот на Деспина од Прилеп со резултат 19:26.

Првите 15 минути од средбата минаа со скоро изедначен резултат, без поголемо водство на двете екипи, иако кумановки имаа предност од 3:4. Веќе со текот на полувремето направија и поголема разлика во резултатот со 3:7, за да на полувреме заминат со 6 голови позитива, односно резултат 7:13.

Вториот дел од средбата исто така мина во знакот на гостинската екипа. Откако направија солидно водство во првото полувреме, ракометарките на Куманово започнаа да го зголемуваат своето водство и до 9 голови, за да на крај сепак впишат победа со 7 голови разлика, односно конечен резултат 19:26.

Во составот на ЖРК Куманово најдобра со 8 поени беше капитенот на екипата и новиот член на женската ракометна репрезентација на Македонија, Викторија Пеовска, а по неа со 5 реализирани погодоци следуваше Јована Кипријановска.

Кај поразените со 7 поени најдобра беше Елена Крстевска, додека со два помалку Диана Димова.

Ова е прв натпревар на ЖРК Куманово по двата несупешни обиди за победа во ЕХФ Челинџ Купот, каде беа елиминирани од полската екипа МКС Селгрос Лублин.

Како што посочуваат од Управата акцентот ќе се стави на домашните наптреварувања, каде кумановки атакуваат на втората позиција во табелата, веднаш зад вицепрвакот на Европа, ЖРК Вардар.

Следниот меч го играат на домашен терен токму против составот на Вардар.