ЖРК Куманово ја покажа својата доминациjа, Трајковиќ фантастична против Овче Поле

Сподели со своите пријатели

Женскиот ракометен тим од Куманово ја покажа својата доминација на гостински терен во осумнаесетото коло против тимот на Овче Поле од Свети Николе. Единствено домаќинот што успеа да направи во текот на целиот натпревар на неколку пати да го израмни резултатот и тоа беше нивниот максимум.

Во првото полувреме домашните ракометарки имаа сила да возвратат на секое водство на гостинот и не можеше да се направи некоја резултатска предност. На полувреме се замина со резултат 14:16 за гостинската екипа. Уште неколку напади од вториот дел донесоа делумна неизвесност, во кои Овче Поле возвраќаше на  водството на ЖРК Куманово. Потоа тргна кумановската машинерија и „избега” на предност од четири гола, притоа 20:24 .Тоа беше периодот во кој избраничките на Антонио Ивановски го најдоа решението за домашните ракометарки. Како одминуваше натпреварот така предноста се зголемуваше и се стигна и до резултат од 23:31. На крај ЖРК Куманово рутински го заврши натпреварот со резултат 26:32.

Најдобриот стрелец на фајнл фор турнирот во кадетската лига Мила Трајковиќ брилираше и на овој натпревар со постигнати 9 гола за ЖРК Куманово. Бранкица Марковиќ и капитенот Викторија Пеовска постигнаа седум погодоци, а во стрелците се запишаа и Боризовска, Кипријановска и Каранфиловска.

Следниот натпревар женскиот ракометен тим од Куманово го игра на гостински терен против   ЖРК Прилеп од Прилеп.