ЖРК Куманово го совлада Вардар Јуниор

Сподели со своите пријатели

Со резултат 38:24 ракометарките на Куманово вчеравечер на домашен терен обезбедија убедлива победа против Вардар Јуниор во рамките на женската ракометна Супер лига.

Одличен старт прикажаа избраничките на тренерот Антонио Ивановски кои поведоа со 4-0 уште на самиот старт на мечот, со што вториот тим на Вардар не можеше да се врати во игра поради високата негатива.

Вториот дел од средбата исто така беше во полза на домаќинот кој само ја зголемуваше својата предност, која стана и двоцифрена.

Репрезентативката Александра Боризовска брилираше со седум поени, а зад неа се Пеовска со гол помалку. По пет реализирани погодоци забележаа Марковиќ, Кипријановска и Костадиновска, додека во тимот на гостите со сум голови најефикасна беше Гичевска.

Нашите ракометарки дадоа се од себе, противникот го совладавме може да кажам дека го декласиравме. Овој противник можеби изгледа доста младо,  но во својот состав Вардар имаше три сениорски репрезентативки, пет младински репрезентативки и три-четири јуниорски репрезентативки, што значи дека целиот состав е репрезентација на Македонија во три конкуренции. Презадоволен сум и од играта и од мотивираноста и борбеноста на девојките, изјави тренерот Ивановски.

Многу ми е драго што играм во екипа што е толку борбена и што игра со огромно срце. Покажавме карактер, дисциплина, доминиравме на целиот натпревар, што кажува и резултатот. Мислам дека сме на добар пат, сега сме на второ место и мислам дека до крајот ќе истраеме и ќе ја задржиме оваа позиција, вели капитенот Викторија Пеовска.

Морам да кажам дека покажавме добра игра на овој натпревар, како во нападот, така и во одбраната, мислам дека целокупно низ целиот натпревар се боревме од првата секунда до последната, што покажува и резултатот, се надевам дека ќе издржиме до крајот на оваа полусезона, за да ја задржиме таа втора позиција, за која мислам дека сме фаворити, изјави Александра Боризовска.

Следниот натпревар ракометарките го играат во недела на гостински терен против составот на Металург.