Зголемено е нивото на бучава во Куманово

Сподели со своите пријатели

Зголемено е нивото на бучава речиси на сите мерни места во Куманово, информираат надлежните од Центарот за јавно здравје.

Доктор Мимоза Величковски, специјалист по хигиена во Јавната здравствена установа посочува дека граничните вредности се зголемени од десет до 15 децибили над утврденото гранично ниво. Највисока вредност на бучавата, вообичаено се мери на најголемите сообраќајници во централното градско подрачје во дневниот период.

Според Величковски, бучавата веќе станува еден од значајните фактори во животната средина кој делува на здравјето на населението. Во Куманово бучавата се мери на десет мерни места од кои на пет мерни места во подрачје од втор степен на заштита, а остнатите пет мерни места опфаќаат подрачје од трет степен на заштита.

– Втор степен на заштита е подрачје станбена зона, односно зона на живеење и каде што се лоцирани објектите на воспитно-образовните установи, објекти на домови за згрижување на стари лица, деца, објекти од примарна здрваствена заштита, паркови, рекреативни зони, додека подрачјето од трет степен на заштита е подрачје каде што се дозволени повисоки нивоа на бучава, бидејќи станува збор за мешовита зона, тоа е станбено трговска зона односно каде што се одвиваат секојдневните активности на населението. И во двете зони имаме отстапувања во однос на препорачаните гранични вредности за ниво на бучава, отстапувањата се движат од десет до петнаесет децибели во секое подрачје, изјави Величковски.

Центарот за јавно здравке мерењата на бучава ги спроведува во соработка со локалната самоуправа.

Што се однесува до здравствените ефекти кои ги предизвикува зголемената комунална бучава, како што посочи Величковски, не може да се кажат конкретни податоци, бидејќи еден од факторите кои одредуваат колку бучавата влијае врз популацијата е и субјективното чувство за бучавата и колку вознемирувачко делува кај граѓаните.

– Имаме соработка со локалната самоуправа, мерењата се изведуваат заедно со нивен апарат, пософистициран апарат од нашиот, меѓутоа потребно е проширување на активностите во оваа област, а тоа подразбира следење на ефектите на бучавата, бидејќи колку од оваа бучава ние како популација ја перцепираме зависи пред се од субјективното чувство за бучава, изјави Величковски. Додава дека и поставеноста на објектот, изолацијата исто така придонесуваат како се одредува степенот на бучвата.

Од Центарот за јавно здравје, велат дека се потребни пообемни истражувања и во однос на здравствените индикатори, вклучително степенот на вознемиреност и нарушување на сонот.

– Вознемиреноста може да биде ниско ниво, средно, високо ниво, додека нарушување на сонот се движи од едно тешко заспивање или будење во сон, а секундарните ефекти секако следат наредниот ден после од ненаспиеност во смисла на нервоза, на неспособност за работење, објаснува Величковски.

Мерењата на бучавата се спроведуваат два пати годишно со што се опфаќа комуналната бучава (сообраќај, угостителски објекти, градежни активности…). Локациите каде се мери бучавата одредени се во соработка со Министертвото за животна средина и просторно планирање.