Заев ја поздрави одлуката на членовите на ДИК за враќање на бонусите и за оставките

Сподели со своите пријатели

Премиерот Зоран Заев ја поздрави одлуката на членовите на ДИК да ги вратат парите од бонусите, заради критиките на јавноста, како и оставките на дел од нив оценувајќи ги како морален чин.

– Се работи за исклучителни професионалци кои имаа сериозна улога во едно сериозно време и ја завршија професионално. Одлуката што ја донесоа знам дека е законска, но веројатно е неетичка и неморална. Јас го поздравувам чинот што го поднесоа сите, а тоа е враќање на парите назад во Буџетот, а истовремено поднесоа и лична одговорност како морален чекор, веројатно заради критиките на јавноста, рече Заев.

Тој оцени, дека истовремено тие испратија и сериозна порака на морално и етичко однесување што уследи по реакциите на јавноста, заради, вели, нетранспарентноста на одлуката која ја донесоа и заради тоа што претходно не ја информираа јавноста за намерата да го искористат  членот 19 што им овозможува дополнителни надоместоци.

Прашан за случајот „Поткуп“ и тоа зошто не сака со помош на содржината на снимката да докаже дека не зел поткуп, премиерот Заев рече дека токму спротивното, сака да биде објавена целата снимка.

– Апсолутно, сакам целата снимка да се објави. Тоа од самиот почеток е моја главна теза за да може на транспарентен начин јавноста да согледа што е во суштина самиот случај. Јас ќе ја докажам мојата невиност затоа што не постои поткуп, не постои примање на пари. Но, сакам да одам и понатаму. Образот е поважен од правичноста на постапката. Јас сум политичар кој има намера да се занимава и понатаму со политика. Важен е мојот образ и верувам дека судот во соодветна постапка ќе одлучи да ја објави целата снимка на увид на јавноста за да граѓаните конечно видат што се деталите од самиот разговор, рече премиерот Заев.

Во однос на изборот на нов министер за здравство, го повтори ставот дека се во прашање денови кога заедно со коалицските партнери ќе биде донесена одлуката како за ова место, така и за пополнување на испразнетото место министер без ресор, односно заменик-министер за образование.

Потврди дека партијата на Вејсел Мемеди НДП ќе остане во владејачката коалиција и го оцени за шпекулација тоа што се зборува за пратеникот Мемеди со кого, рече, има одлична соработка и очекува таа да продолжи и понатаму.

Извор: МИА

Loading...