Заев – Брнабиќ: Секое прашање да се решава со дијалог

Сподели со своите пријатели

Македонија го почитува дијалогот што Србија го отвори со Косово односно меѓу Белград и Приштина и верувам дека во интерес на Србија ќе биде најдено решение. Ние тоа го поддржуваме комплетно и се надеваме дека тоа ќе биде наскоро бидејќи тоа е важно за Србија и за нејзината европска перспектива, но исто така од тоа прашање зависи и перспективата на целиот наш регион, изјави македонскиот премиер Зоран Заев на заедничката прес-конференција со српската премиерка Ана Брнабиќ.

Ние, како што потенцираше Заев, сме блиски народи и наши обврски како политичари е да го следиме интересите и да ја унапредуваме соработката меѓу нашите два народа.

– Она што е договорено меѓу двете влади, а и на повисоко претседателско ниво е за секое прашање, колку и да е болно или колку и да е позитивно, секогаш да кренеме телефон и да разговараме и да договориме тоа што треба затоа што пријателите така прават, рече македонскиот премиер одговарајќи на новинарско прашање.

Во врска со случајот со вработениот во српската амбасада во Скопје кој беше во Собранието на Република Македонија на 27 април, за време на инцидентите, Заев кажа дека во тој дух, на многу пријателски и дипломатски начин е најдено решение и за тој случај.

– Направивме билатерален договор, ние повлековме наш човек, Србија повлече свој човек, рече Заев.

За српската премиерка Брнабиќ оваа прва официјална посета на македонскиот премиер на Белград е, како што кажа, добар сигнал за сите наши понатамошни активности и сите отворени прашања да се решат со дијалог. – Ова е голем чекор за тоа, рече Брнабиќ.

Македонскиот премиер Заев, кој е во прва официјална посета на Белград, денеска беше пречекан пред Палатата „Србија“ од премиерката Ана Брнабиќ.

По свечениот пречек Заев и Брнабиќ имаа тет-а-тет средба, а потоа се одржа и состанок на двете делегации.

Во македонската владина делегација се заменикот претседател на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски. Од српска страна на средбата најавено е учество на министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ и министерот без ресор задолжен за иновации и технологија Ненад Поповиќ.

Владината делегација, предводена од Заев ќе биде примена и од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Премиерот Заев и владината делегација ќе имаат работни активности во Амабасадата на Република Македонија во Белград.

Посетата на Белград премиерот Заев ја завршува со средба со претставници на македонската заедница во Србија, кога ќе предаде донација на соодветна литература по македонски јазик, лектири и помошни наставни средства со цел на зајакнување на процесот на изучување на предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура“.

Премиерот Заев заедно со македонската делегација во Белград пристигна синоќа и имаше работна вечера со српската премиерка Брнабиќ.

Извор: МИА

Loading...