За 50% намалени субвенциите за пливање на учениците во Затворениот базен

Сподели со своите пријатели

За педесет проценти е скратена програмата за субвенционирање на наставни, воннаставни и спортски активности по пливање во Затворен базен – Куманово за учениците од основните и средните училишта од Општина Куманово за 2017 година.

Ваквата одлука денеска на втората седница на Советот ја изгласаа советниците, а ја образложи раководителот на Секторот за образование Жика Крстевски, кој вели дека проектираните еден милион денари не се искористени, па средствата може да се пренаменат со измена на програмата и да бидат искористени во ребалансот на Буџетот кој се подготвува.

– Преку Секторот за образование донесовме одлука и побаравме шест часа дневно во работните денови учениците да го користат базенот како воннаставни и наставни активности по пливање. Проектиравме сума од еден милион денари за да може да функционира базенот, но со оглед дека со оглед дека сумата се покажа како голема предложивме намалување на истата за 50 проценти, рече Крстевски.

Инаку со одлуката на претходниот состав на Советот на Општина Куманово, донесена беше одлука локалната самоуправа да го финансира спортувањето на учениците на затворениот градски базен со тоа што три часа претпладне и три часа попладне ќе бидат одделени за учениците од средните и основни училишта.