Во Куманово се одбележува недела за грижа на старите лица

Сподели со своите пријатели

Под мотото „Сите сме нивни деца“, општинската организација на Црвениот крст Куманово, со повеќе активности ја одбележува Неделата за грижа на стари лица чија, цел е да се подигне јавната свест на населението за правата на овие лица, и нивната потреба за грижа и помош.

Денеска, на градскиот плоштад во Куманово, волонтери од кумановскиот Црвен Крст ќе поделат флаери, во кои се потенцира важноста за грижа за повозрасните граѓани од заедницата – „Бидете информирани за вашите права од социјална и здравствена заштита“, кој се спроведува во рамките на регионалниот проект„ Преземање на акции за социјална инклузија на старите лица“.

– На овој начин волонтерите ќе ги информираат старите лица за нивните права, изјави Шпетиме Хисејени од Црвен Крст Куманово.

До крајот на неделавата ќе се реализираат други активности, меѓу нив и посета на Домот за стари лица каде ќе се спроведе акција за бесплатно мерење на шеќер во крвта и притисок.

– Со граѓанското здружение „Инклузива М“ ќе се спроведе и бесплатна акција за мерење на шеќер во крвта и притисок на градскиот плоштад во четврток. Покрај овие активности, предвидено е да се одржи и шаховски турнир и креативни работилници помеѓу волонтерите од Црвениот Крст и пензионерите од локалното здружение на пензионери, изјави Хисеини.

Меѓу активностите кои редовно се спроведуваат во рамки на неделата за грижа на старите лица која годинава се одбележува од 20 до 26 ноември, предвидена е и редовна посета на старите и изнемоштените лица, набавка на намирници, помош во изведувањето на домашните обврски. Во рамки на одбележувањето на Неделата за грижа на старите лица предвидени се и едукативни здравствени предавања на повеќе теми, наменети за членовите на локалното здружение на пензионерите.

Извор: МИА

Loading...