Во Босна и Херцеговина од денес само со лична карта (ФОТО+ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска во Скопје се сретна со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, а имаше и средба помеѓу владини делегации на двете држави, по што се потпишани два важни договора и беше одржана заедничка прес конференција.

– Имаме чест со мојот колега и добар пријател на Република Македонија, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина да ви соопштиме дека граѓаните од Македонија ќе влегуваат само со лични карти во Босна и Херцеговина, и граѓаните на Босна и Херцеговина ќе влегуваат само со лични карти во Македонија, рече премиерот Заев.

 

Loading...

 

Ова е веќе пракса што Република Македонија ја воспостави со Република Србија и Република Албанија, а од денеска таа важи и за патувањата во Босна и Херцеговина.

Ова е втор конкретен чекор за олеснето движење на граѓаните на нашите земји, по веќе потпишаниот договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи.

– Понатаму, учениците во основното и средното образование и студентите во високото образование ќе се запишуваат под исти услови што важат за државјаните на двете земји. За плаќањето на школарините, во двете држави, ќе се применуваат еднакви критериуми што важат и за домашните студенти“, соопшти на прес – конференцијата за медиумите, премиерот Заев.

Денеска помеѓу делегациите на двете држави, Република Македонија и Босна и Херцеговина беа потпишани два документа: Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина, за условите за патување на државјаните на двете земји, што ја потпишаа министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и министерот за надворешни работи на БИХ, Игор Црнадак, како и протокол меѓу Министерството за образование и наука на Република Македонија и Министерството за цивилни работи на Босна и Херцеговина, во областа на образованието, потпишана од министерката за образование на наука на Република Македонија, Рената Дескоска и министерот за цивилни прашања на БиХ, Адил Османовиќ.

 

 

Премиерот Заев, на прес – конференцијата додаде дека двете држави гледаат можности и за поинтензивна соработка во: земјоделството, туризмот, прехранбената, дрвната, металопреработувачката и градежната индустрија, како и во одбраната и полицијата, со цел продлабочување на соработката во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

– Денеска Република Македонија и Босна и Херцеговина испратија уште една силна порака дека: Сериозно сме посветени на развивањето пријателски односи во соседството и за сплотен регион насочен кон европски перспективи“, порача премиерот Заев.

Loading...

Претседателот на Владата, Заев додаде дека Берлинскиот процес внесе динамика во регионалната соработка и дека раководства на државите од регионот покажуваат дека се подготвени да дејствуваат во правец на очекувањата од граѓаните, што не се разликуваат од тие на граѓаните на Европа обезбедени услови за квалитетен живот за сите и напредок на државите.

– Затоа работиме активно и на резултати во иницијативата за Регионална економска соработка низ поврзувањето на бизнис заедниците и поддршката што ја даваме на инвеститорите. Работиме и на инфраструктурна поврзаност, на што се обврзавме во Трст. Отворено е поле за заедничко искористување на ИПА фондовите, што ќе помогне многу на овој план, покрај поддршката што ја имаме од нашите пријатели од ЕУ и од ЕБОР. Иднината на Република Македонија е во ЕУ. Тоа е иднината и на БИХ и на регионот. Денешните заеднички чекори на владините претставници на Македонија и на БИХ потврдуваат дека одлучно се движиме во вистинската насока“, констатираше на прес – конференцијата, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

 

 

Претседавачот со Советот на министри на БИХ, Денис Звиздиќ оцени дека денеска потпишаните договори во Скопје се во насока на заокружување на идејата за Западен Балкан во којшто граѓаните ќе можат полесно да се движат, како и дека се тие силна порака за компактен регион насочен кон ЕУ.

Претседавачот Звиздиќ пренесе задоволство од денешната посета и пријателскиот пречек, додаде дека државите немаат отворени билатерални прашања, имаат исти базични цели, движење кон ЕУ, мир и сигурност, како и повисок животен стандард  и дека продолжуваат да работат на подобрувања во транспортот, енергетиката и дигитализацијата.

 

 

За таа цел, како што е соопштено, блиску е решението за авиолинија којашто ќе ги поврзе Македонија, БиХ и Црна Гора и со тоа ќе ги олесни бизнис релациите и ќе придонесе во економската соработка меѓу земјите.

На билатералната средба, премиерот Заев и претседавачот Звиздиќ и владините делегации потврдија дека и Република Македонија и БиХ очекуваат придвижувања во евроинтеграциите на јунскиот Самит на Советот на министри на Европа.

Премиерот Заев рече дека Република Македонија освен датум за почеток на преговори со ЕУ, се надева дека во скоро време ќе стане и следната 30.членка на НАТО.

 

Leave a Reply