Владата обелодени уште три случаи на злоупотреби од претходната власт

Сподели со своите пријатели

Владата денеска обелодени три случаи за набавки, тендери и договори склучени од страна на минатата власт за која постојат основни индиции дека со нив е направена штета на Буџетот на Република Македонија.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на прес-конференција истакна дека е побарана истрага од Министерството за внатрешни работи, како и започнување на постапка пред Државното правобранителство.

Првиот случај се однесува за набавка на авиобилети од страна на Службата за општи и заеднички работи (СЗОР), вториот за сомнителни набавки во Акционерското друштво за стопанисување со стабен и деловен простор од страна на фирмата „Атриум“ од Вевчани и третиот случај е за договори за ангажирање на тројца советници во Кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски.

Во првиот случај одговорните лица во СОЗР во периодот од 2014 до 2017 година по објавениот тендер за набавка на авиобилети доставувале барање за понуди само до еден оператор, а не до сите како што биле обврзани согласно договорите. Во овој случај, Владата бара од МВР да спроведе истрага.

Во вториот случај, според документацијата со која располагаат службите на Владата, постојат индиции дека се користени дампинг цени за стоки и услуги за кои реално се знаело дека нема да бидат набавувани со цел оваа компанија да биде најдобро рангирана во тендерската постапка. Така за изработка и вградување на метални прозорци и светларници компанијата понудила цена од 98 денари за метар квадратен, а пазарната цена за оваа услуга изнесува 4.800 денари. Во овој случај Владата од МВР бара да истражи како фирмата „Атриум“ знаела точно кои производи и услуги ќе се набавуваат однапред.

Портпаролот Бошњаковски соопшти дека исто така оваа компанија во реалноста извршувала занаетчиски услуги по цени кои се повеќекратно повисоки од пазарните како на пример добивала 20 илјади денари од час за селење од бесправно вселени станови и 16 илјади денари за изработка и монтажа на дрвен излог од букова граѓа без стакло.

Третиот случај се однесува на договорите за ангажирање на Александар Никовски, Џорџ Р. Пери и Јехшуа Шуки Глајтман за надворешни соработници на поранешниот премиер Никола Груевски. Потписник на овие договори е тогашниот шеф на канцеларијата на Груевски, Мартин Протуѓер и постојат индиции дека неговиот потпис на е во спротивност со членот 6 од Одлуката за формирање на канцеларија на претседателот на Владата.

Како пример беше посочено дека советникот на Груевски, Александар Никовски, покрај месечниот надомест од 3.000 евра којшто го добивал, по разни основи добивал пари од Буџетот во висина од 217.490 евра. Така, Никовски за авиобилети потрошил над 30.000 евра, за угостителски услуги 23.000 евра од кои 5.400 денари за шише Ела вода, за вино 7.000 денари…. За подароци советникот Никовски дал 2.500 евра и за такси и останати видови превоз 5.500 евра.

За овој случај Владата доставено барање за мислење до Државното правобранителство.

Извор: МИА

Loading...