Владата ја усвои стратегијата за реформа на јавната администрација

Сподели со своите пријатели

Владата на денешната 55. седница ја разгледа и усвои „Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година“ и го прифати Акцискиот план за спроведување на стратегијата.

Како што се наведува во соопштението од Владата, реформата во јавната администрација во поширока смисла значи реформа во приоритетни области, креирање на политики и координација, јавна служба и управување со човечки ресурси, одговорност, отчетност и транспарентност, јавни услуги и ИКТ поддршка на администрацијата, како и во управувањето со јавните финансии.

Посочуваат дека еден од главните стратешки приоритети на Владата се однесува на создавањето стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права.

На денешната седница, Владата ја разгледа и информацијата за Предлог Стратегијата за информатичко-комуникациска технологија во правосудство.

Со спроведувањето на ИКТ решенија и системи во согласност со европските и меѓународните стандарди, целта, како што се наведува во соопштението, ќе биде да се зголеми пристапноста, навременоста и лесното користење на правосудните услуги за сите корисници, да се подобри квалитетот на податоците, заштитата и безбедноста, како и соработката со други правосудни системи, институциите на Европската Унија, нејзините земји-членки и меѓународните организации./МИА

Leave a Reply