Верификувани мандатите на пратениците, кои доаѓаат на месата на новозибраните градоначалници

loading...

Првата собраниска седница по локалните избори заврши со констатирање на оставките на пратениците, кои добија градоначалнички функции на локалните избори, како и со верификација на мандатите на нивните наследници.

Откако претседателот на Собранието, Талат Џафери ги констатираше оставките и констатираше дека пратениците заминуваат, оние коишто беа избрани за градоначалници ја прекинаа седницата чекајќи го извештајот на ДИК.

Собранието на почетокот на 18. седница ги констатира оставките на петмината пратеници кои станаа градоначалници во првиот круг од изборите Петре Шилегов, Стефан Богоев, Сашо Поцков, Коста Јаневски и Максим Димитриевски.

Собранието денеска констатира и престанок на пратничките мандати и на пратениците Бардиљ Даути од ДПА и на Зеќирија Ибраими од БЕСА, кој оставката до Парламентот ја доставил пред вториот круг од изборите.

Новите пратеници кои во Парламентот ќе ги заменат избраните градоначалници седнаа во пратеничките клупи откако Собранието ги верификуваше нивните мандати со 78 гласа „за“. Татјана Лалчевска, Анета Симевска Димовска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев, Костадин Костадиновски седнуваат на местата на нивните сопартијци кои станаа градоначалници.

На местото на Бардин Даути од ДПА доаѓа Мерал Узеини, додека Реџеп Мемети доаѓа на местото на Зекири Ибраими од БЕСА.

Пратениците Благој Бочварски, Курту Дудуш кои однесоа победа во вториот круг ќе треба да ги почекаат конечните официјални резултати од ДИК пред да се збогуваат со пратеничките функции.

На денешната седница присуствуваат пратениците и од владејачкото мнозинство и од опозицијата.

На дневен ред на 18. седница на Собранието, која е прва по паузата поради локалните избори, се Предлог на одлука за изменување на Одлуката за испраќање припадник на АРМ за учество во мировната операција на Обединетите нации, УНИФИЛ во Либан, барање за давање автентично толкување на член 15 став 4 алинеа 5 и член 69 од Законот за градежно земјиште, поднесено од градоначалникот на Општина Илинден, барање за давање на автентично толкување на член 12 и член 13 од Законот за градежно земјиште, поднесено од в.д. градоначалникот на Општина Струга, барање за давање на автентично толкување на член 9 став 1 алинеја 1 од Законот за јавни набавки, поднесено од градоначалникот на Општина Куманово, како и барање за давање автентично толкување на член 14 став 4 и член 42 став 10 од Законот за минерални суровини, поднесено од градоначалникот на Општина Богданци.

Извор: МИА


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments