УХМР со нова информација: 19 литри дожд во кумановско

Сподели со своите пријатели

Управата за хидрометеоролошки работи утринава неколку минути пред 12 часот испрати соопштение во кое стоеше дека во Куманово и околината во последните 24 часа наврнале само еден литар дожд на метар квадратен.

Но, веќе во 14 часот пристигна ново соопштение во кое стои дека според мерењата извршени во изминатите 6 часа, односно до 13 часот наврнале дури 19 литри дожд.

Моментално во западните и северните делови од земјава времето во текот на целиот ден е облачно со врнежи од дожд, кои на повеќе места беа обилни. Имаше и појава на грмежи, најпрво во запдните делови, а во текот на денот се преместија кон север и североисток. Во јужните делови се задржа променливо облачно и топло време со засилен јужен ветер, кој во Пелагонија и штипско достигнуваше брзина околу 90км/час.

До крајот на денот и во текот на ноќта ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет, проследени со грмежи и засилен ветер. Пообилни врнежи ќе има во западните и северните делови.

Утре времето ќе биде променливо облачно време, со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. На места врнежите ќе бидат поројни проследени со грмежи и засилен ветер, во форма на невреме и со услови за изолирана појава на град. Нестабилноста ќе биде позастапена во источната половина на земјава. Се очекува локално да наврнат околу 30л/м 2 .

Во четврток врнежите ќе бидат со слаб интензитет, а на повисоките планини ќе преминат во снег. Променливо облачно и врнежливо ќе се задржи и во наредните денови, а температурата ќе биде во опаѓање.