УХМР со најава за обилни врнежи од дожд, и пад на температурите и за 10 степени

Сподели со своите пријатели

Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса денес во ноќните часови и утре времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер од јужен правец, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Пообилни врнежи ќе има утре во раните утрински и во претпладневните часови во западните делови, а попладне врнежите ќе ги има повеќе на истокот, ќе бидат полокализирани, но со услови да бидат проследени со поинтензивни процеси. Дневната температура ќе се намали за 6 до 10 степени. Кон крајот на денот атмосферата ќе се стабилизира.

Во недела и понеделник ќе биде претежно сончево и топло, на повеќе места со натпросечни дневни температури на воздухот (максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 35 степени).

Во понеделник во текот на ноќта и во вторник преку денот повторно ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи, но претежно во западните делови од земјава.

Во понеделник и во вторник ќе дува засилен југозападен ветер.