Тројца мртви при судир на автобус и автомобил на патот Кочани – Штип

Сподели со своите пријатели

Утринава околу 02,00 часот на магистралниот пат Кочани-Штип, кај место викано „Чифлички бунар“ атар на с.Чифлик, се случила сообраќајна незгода помеѓу автобус со штипски регистарски ознаки управуван од С.М.(55) од населба Оризари, во кој се превезувале околу 58 патници и патничко моторно возило “Сеат Кордоба“ со кочански регистарски ознаки управувано од Љ.Л.(28) од Кочани, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Сопатници во возилото биле А.М.(19), Р.Т.(23), Г.К.(23) и Д.П.(25) сите од Кочани. Од здобиените повреди при незгодата на местото на настанот починале Љ.Л. и Р.Т., додека Д.П. починал во возило на Итна медицинска помош на пат за Болница.

Останатите патници се пренесени во Јавна здравствена установа Кочани, каде Г.К. е задржан на лекување а А.М. бил пренесен во Ургентен центар Скопје, каде му се констатирани телесни повреди.

Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Кочани, увидна екипа од Полициска станица Кочани. Од 02,35 часот, сообраќајот е во прекин и се пренасочува по локалните патишта.