Транзитни туристи го одминуваат Куманово

Сподели со своите пријатели

Недоволен број на сместувачки капацитети, непостоење туристичко биро, оскудна инфраструктура се само дел од причините поради која туристите го одминуваат Куманово и североисточниот регион. И покрај добрата географска поставеност на градот, близината на автопатот, граничните премини, Табановце и Деве Баир, незначителен е бројот на туристи кои се одлучуваат да преноќат во Куманово, покажуваат податоците и на општината и бизнис заедницата. Последниве години, приходите собрани од туристичка такса во Куманово се движат од 340.000 до половина милион денари. Во хотелите, преноќувалиштата, пансионите и мотелите има 250 легла, кои според општината и локалното здружение на угостители „Бисер“, се недоволни.

Потребни се суштински вложувања од инфраструктура, до промотивен материјал, соработка на повеќе нивоа, сметаат и бизнис заедницата и локалните власти, за да овозможи поголем број туристи да престојуваат барем на неколку дена во Куманово и да уживаат во убавините на регионот, да ги посетат знаменитостите, културно-историските споменици, локалитети, природните реткости и да уживаат во кулинарските специјалитети, специфични за градот и регионот.

-Немаме доволно сместувачки капацитети, стигнавме до одредено ниво и треба да се вложува во тој правец. Засега нема најави ниту дека ќе се гради нов хотел, но позитивно е што постоечките капацитети се прошируваат, вели претседателот на здружението, Влајко Стојчевски.

Од ова здружение кое брои 60-тина угостители, вклучително и сопственици на мотели и хотели, појаснуваат дека има одредено раздвижување на транзитни туристи кои на своја рака, стихијно неорганизирано го посетуваат градот. Ручаат во рестораните, купуваат чевли и си заминуваат. Од бизнис заедницата која има директен бенефит, угостителите и чевларите не очекуваат туристите да се задржат седум дена, но велат убаво ќе биде доколку останат барем два дена и остават повеќе средства во градот. Здружението на чевлари-Куманово, исто така бележи благ пораст на транзитни туристи кои кратко престојуваат во градот и според нив, купуваат квалитетни чевли изработени за италијанскиот пазар, достапни по македонски цени.

-Детална анализа за производство и потрошувачка на домашниот пазар од страна на туристите, како здружение немаме направено и во тој контекст процентуално не би можела да прецизирам во име на здружението, но, од лично искуство би можела да истакнам дека имаме поголема побарувачка на чевли токму од туристите кои транзитираат, вели Слаѓана Петровска, од здружението на чевлари.

И од одделението за локален економски развој потврдуваат дека има еднодневни посети на туристи од Бугарија и Србија, но малкумина се оние кои преноќуваат, делумно, поради недостигот на сместувачки капцитети. За да го надмине овој проблем, од општината најавија дека ќе работат на покревање на свеста кај граѓаните да ги искористат законите за угостителска и туристичка дејност, со кои на физичките лица им се овозможува да ги понудат куќите и становите за туристите со едноставно склучување на договори со туристичките агенции. Во Куманово само две физички лица се регистрирани за оваа дејност.

-Една од причините за недоволниот број туристи е и слабата туристичка понуда во градот, воедно и близината на Скопје, така што голем број од туристите одлучуваат да го одминат Куманово и да го посетат главниот град каде што има доволен број сместувачки капцитети, вели раководителот на одделението за локален економски развој, Марина Арсовска.

Поагресивно промовирање на шопинг турите и задржување на транзитните туристи бара и здружението на чевлари. Тие велат дека заедно со локалната самоуправа и туристичките агенции се обидуваат да направат шопинг тури, при што посетителите ќе имаат можност да ги посетат и производителите и културните, религиозните и историски знаменитости.

-Зборувавме за реализација на манифестација со акцент на презентација, продажба и афирмација на производите од чевларските капацитети од Куманово. Единствено излезе брошурата „Посети го Куманово“, на која се мапирани призводствените капацитети и други специфики на градот за туристите, но, каде би можела да се најде не сум информирана. Искрено, се надевам дека во иднина некои од овие идеи ќе се реализират, вели Петровска.

Транзитниот туризам, уверуваат од општината, е приоритет за градот. Во програмата за општа туристичка пропаганда и подобрување на условите за престој на туристите, предвидени се проекти за поттикнување на транзитниот туризам. Во рамки на проектите изработен е веб портал www.visitkumanovo.com. Порталот ги содржи потребните информации за посетителите на градот – како да се стигне, каде да се преноќи, каде да се јаде, што да се види и посети. Во рамки на овој проект изработени се и промотивни материјали – брошура и флаери, кои на почетокот од летната сезона ќе бидат поделени на граничните премини на туристите кои транизитираат во Македонија. Средствата, собрани од туристичката такса целосно се наменeти за програмата за развој на туризмот.

И од центарот за развој на североисточниот плански регион велат дека подготвиле проекти за зголемување на бројот на транзитни туристи, но на ниво на североисточниот регион. Оттаму информираат дека ги следеле националните политики и стратешки документи за рамномномерен регионален развој каде што приоритет им се дава на развојните проекти кои ќе ги истакнат конкурентските предности на регионот во целина.

„Подобрувањето на условите за рурален развој, развој на туризмот и мобилноста во Североисточниот плански регион,“ се реализира во три фази. Што се однесува до пополнување на бројот на сместувачките капацитети од Центарот размислуваат да ги прошират преку аплицирање проекти за довршување на комплексот спортско-рекеративен центар Градски базени во Куманово.Подготвена е апликација, а доколку конкретно се реализира, ќе ги подобри условите за престој на туристите.

-Проектот со кој аплицираме предвидува довршување на партерно уредување на комплексот, изградба на спортско-рекреативни терени во Куманово и градба на детско, кошаркарско игралиште. Очекуваме да се зголеми бројот на туристи и спортски екипи кои ќе доаѓаат за подготовки во овој комплекс, што веќе располага со дваесет хотелски соби изградени на ниво на карабина со капацитет за прием на 42 лица, информира  раководителот на центарот, Младен Протиќ.

Угостителите бараат и поставување патокази и табли, туристичко-информативно биро во центарот на Куманово, во кој професионалци ќе понудат пропаганден материјал за туристичка понуда, информации за угостителските објекти, природните реткости, културно-историските споменици.

-Североистокот располага со места кои се интереси, но да се развие туризмот не во класична смисла, туку транзитен, потребно е да се вклучат, сите чинители, локална власт, владата и ние како приватен сектор. Потребно е во такво туристичко биро да има понуда од ресторани, хотели, такси компании, професионаци кои ќе ги упатат туристите каде да се движат, што да посетат, која храна да пробаат, додава Стојчевски.

Здружението на угостители веќе соработувало со Центарот за развој на североисточниот плански регион од каде, пак, потврдуваат дека веќе во изградба е туристичко биро во Кратово и дека работат на обезбедување средства за набавка на туристички автобус што ќе биде наменет за регионот. Идејата за проектот произлегува од идентификуваната потреба за заедничка соработка и активности на општините во североистокот за забрзан развој на туризмот во регионот. Регионалното туристичко биро во Кратово, преку промоција на севкупната туристичка понуда на општините од североистокот ќе влијае позитивно и ќе го забрза развојот на регионот, сметаат од центарот. Со автобусот, туристите, по точно утврдена рута ќе ги посетат општините и нивната околина, а со довршувањето на комплексот и соседните општини ќе имаат можност во уреден и атрактивен простор да ги сместат гостите.

Туристите кои доаѓаат во Република Македонија како најслаба точка ја рангираат туристичката инфраструктура, а веднаш по неа ниското ниво на хигиена. Кумановци се гостопримлив народ со специфичен позитивен дух, кој се отсликува во заштитниот лик на градот- Батко Ѓорѓија, но за вистински развој на туризмот потребни се значителни вложувања во туристичката инфраструктура, развој на човечките капацитети и креирање на атрактивна туристичка понуда.

Угостителите, генерално бизнис заедницата и граѓаните на Куманово, се надеваат дека изградбата на експресниот пат во регионот до граничниот премин Деве Баир, изградбата на делниците помеѓу градовите од североистокот и изградбата на пругата ќе овозможат поголем број на туристи да се задржат во градот. Претходно, смета бизнис заедницата потребно е да се подготви стратегија која ќе придонесе да се задржат туристите кои транзитираат, да се инвестира и поддржи изградба на хотели, ресторани на делниците, за да се задржат туристите на викенд или кус, но ефективен одмор. Помош ќе бараат и од општината која ќе треба да вложува во патна инфраструктура до секое излетничко место, до секој локалитет, да инвестира во одржувањето на хигиената. За развој на туризмот, смета бизнис заедницата има интерес и од туристичките агенции и од ИТ компаниите кои планираат да развијат посебен т.н. паметен туризам кој преку иновативни решенија ќе ги задржи туристите кои транзитираат во градот и регионот.

 Александра Максимовска/МИА

Leave a Reply