Со приход од 73 милијарди денари Царинската управа ја заврши 2016 година

Сподели со своите пријатели

Царинската управа на Република Македонија ја заврши 2016 година со вкупно остварени приходи во износ од  72,9 милијарди денари, што претставува за 8,5%, односно за 5,7 милијарди повеќе од приходите во 2015 година.

Ова претставува значителен успех при наплата на давачките во надлежност на Царинската управа, а тоа се: давачки при увоз (царина, данок на додадена вредност, акцизи и надоместоци) и наплата на акциза не само при увоз, туку и во внатрешен промет.

Во 2016 година Царинската управа наплати за 5,5%, односно за 3,8 милијарди денари повеќе од планираното за наплата. Односно, за 2016 година беше планирано да се наплати 69,5% од даночните приходи во буџетот на Република Македонија, а наплатени се 73,3% од истите.

Во однос на реализираните приходи во 2015 година, во 2016 година остварено е значително зголемување на наплата на сите видови на давачки. Ова зголемување е остварено при зголемување на вредноста на увозот од само 1,8%.

Износот на наплатени давачки по видови за  2016 е:

ДДВ: 42,1 милијарда денари, што претставува за 6,5%, односно за 2,56 милијарди денари повеќе од наплатените во 2015 година;

Царина: 4,76 милијарда денари, што претставува за  9,9%, односно за 0,4 милијарда денари повеќе од наплатените во  2015 година;

Акцизи: 25,4 милијарда денари, што претставува за 11,7%, односно за 2,67 милијарди денари повеќе од наплатените во  2015 година и

Надоместоци: 0,68 милијарда денари, што претставува за 8,4%, односно за 0,53 милијарда денари повеќе од наплатените во  2015 година.

Успехот остварен при наплатата на приходите се должи на повеќе фактори, а пред се на зголемена финансиска дисциплина на сите учесници во трговијата. Бизнис заедницата континуирано се запознава со царинските прописи преку редовни состаноци на Советодавното тело на Царинската управа и состаноци со групации на компании по сектори. Вакви состаноци Царинска управа организира на регионално и локално ниво, односно на ниво на царинарници. Кога компаниите ги познаваат прописите и сите нивни права и обврски при спроведување на царинските постапки, се намалува можноста за избегнување на плаќање на давачки. Исто така, многу е важна соработката со институциите кои вршат контрола на внатрешниот пазар, особено со Управата за јавните приходи и Државниот пазарен инспекторат. Навремената размена на податоци во голема мера спречува  даночна евазија.

Значаен придонес има и  подобрувањето на системот за управување со ризик на Царинската управа при увоз (насочени контроли), односно подобри резултати со помалку извршени контроли. Иако изгледа контрадикторно, со помал број на извршени физички и документарни контроли на стока во царинска постапка наплаќаме повеќе давачки. Постепено, во последните две години, процентот на физички преглед на стока е намален од околу 30% на приближно 8,5%. Тоа е постигнато со подобрување на системите за управување со ризик, односно прецизно насочување на контролите кон ризичните пратки каде се можни неправилности. На овој начин се подобрува и управувањето со човечките ресурси со кои располагаме, но и значително се забрзува постапката за компаниите. Така, во 2014 година, просечно време за спроведување на увозна постапка беше 89 минути, а во третиот квартал на 2016 беше 62 минути.

Резултат дадоа и насочени контроли кај компаниите по завршена постапка, односно пост-контроли. Кога се контролира стока „на тркала“, односно во камион, се контролира една пратка. Кога се контролира работата на компанијата, се контролира целото работење на компанијата од царински аспект во подолг временски период, вообичаено за една година. Овие контроли континуирано се вршат и кај компаниите кои имаат одобренија за поедноставување на царинските постапки.

Подобрување на интерните контролни системи исто така придонесе за успешна реализација на наплата на давачките. Во Царинската управа долго време функционираат интерните контролни системи, чии носители се организациони единици (Секторот за професионална одговорност, Одделението за внатрешна ревизија, Секторот за контрола и истраги) или посебни тела во форма на комитети и работни групи. За наплатата на приходи, освен организационите единици, се грижат и Комитетот за следење на приходите и Комитетот за управување со ризик. На овој начин континуирано се следи состојбата со наплатата на буџетските приходи и се преземаат мерки за утврдување на причините и надминување на евентуалните проблеми при наплата на приходите.