Со новото засилување КК Куманово убедливо против Пелистер (галерија)

loading...

Кошаркарите на Куманово на домашен терен остварија убедлива победа против составот на Пелистер во рамките на осмото коло од Првата лига со резултат 93:73.

 

 

Новото засилување на клубот, Бобан Стајиќ прикажа извонредна игра во својот прв настап во „сино-белиот“ дрес.

 

 

Одлична игра прикажаа избраниците на Александар Петровиќ, кои првите неколку минути од играта направија солидно водство од 10 поени разлика, притоа не дозволувајќи противникот да постигне ниту еден поен. Веќе по завршувањето на полувремето имаа реализација на 51 поен, наспроти 35-те на противникот.

 

 

Убедливата игра на кумановци продолжи и во третата четвртина, која ја завршија со 10 поени предност пред гостите од Битола. Шанса да играат на паркетот имаа сите кошаркари на Петровиќ, со исклучок на Американецот Грифин Раме, кој поради повреда ќе паузира одреден период.

 

 

Последните десет минути од средбата за нијанса подобри беа гостите, односно постигнаа шест поени повеќе, кои не беа доволни да се направи пресврт во резултатот.

 

 

Поранешните кошаркари на МЗТ Скопје Аеродром, Бобан Стајиќ и Адем Мекиќ прикажаа одлична игра. Стајиќ дебитираше во дресот на Куманово и притоа постигна 19 поени и 5 асистенции, со што беше најефикасен на оваа средба заедно со Мекиќ кој има исто толку поени и шест скокови.

 

 

Одлична игра прикажа и капитенот Марјан Јанески кој има 15 поени, а поголема минутажа на натпреварот доби и подмладокот на Куманово, Ѓорѓиевски, Стојановски, Богдановски и Јосимовски.

 

 

Во гостинскиот состав со 16 поени најефикасен беше Роберт Луи, а со два поени помалку Мико Голубовиќ.

 

 

Тренерот на Куманово, Александар Петровиќ победата ја оцени како рутинска.

– Пелистер не е толку лош како што тоа изгледа на табелата, меѓутоа имаше и добри потези, пристапот на играчите беше одличен на натпреварот без разлика на табелата како стои Пелистер. Задоволен сум и им честитам на победата. Презадоволен сум пред се, се работи за млади играчи, Стајиќ, Мекиќ и кумановските деца сите што играат презадоволен сум од пристапот, вели Петровиќ.

 

 

Куманово со победата над пелистер ја прекина црната низа и засега по осмото коло, има четири победи и исто толку порази. Од друга страна Пелистер продолжува со негативниот биланс и нижењето порази.

 

 

 

 


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments