Со моќна промотивна снимка АРМ ги повикува младите да служат воен рок (видео)

Сподели со своите пријатели

Сцени од вежби и акции на армиските специјалци, тенкови во движење, борбени возила кои пукаат, се дел од ново пропагандно видео на АРМ со кое се повикуваат младите да ѝ се придружат на армијата. Снимките се направени на повеќе локации низ земјава, на воени полигони, низ шума, како и во касарните каде што се изведуваат тренинзи за специјалните единици.

Деновиве АРМ организира и повеќе презентации во средните училишта во земјава, а со цел да им покаже на младите што значи да се биде дел од армијата. Презентациите се фокусираат на детални објаснувања за обуката во АРМ, за начинот на кој е организиран животот на регрутите, тренинзите низ кои поминуваат, како и можностите за едукација и напредок со градење кариера во рамките на војската.

Служењето на воениот рок во Македонија не е задолжително. Од 2011 година, граѓаните кои ги исполнуваат условите можат да се пријават на доброволно служење на воениот рок. Притоа кандидатите мора да имаат наполнето 18 години, но и да не бидат постари од 26 години.

Право за доброволно служење воен рок во АРМ имаат и машки и женски. Барањето за доброволно служење на воен рок во АРМ се поднесува лично до Министерството за одбрана.

По приемот на барањата за доброволно служење на воен рок во АРМ поднесени од граѓаните, одделенијата за одбрана во Република Македонија формираат евиденција.

Потоа се организира спроведување на лекарски прегледи и психолошки испитувања за утврдување оцена за способноста за воена служба врз основа на план и списоци донесени и усогласени во делот на термините помеѓу Министерството за одбрана и Воено-медицинскиот центар – Военолекарска комисија на Министерството за одбрана.

По завршувањето на лекарските прегледи и психолошките испитувања, граѓаните кои од страна на Воено-лекарската комисија на Министерството за одбрана се оценети со оцената „исполнува критериум за воена служба“ веќе се кандидати за доброволно служење воен рок и истите се планира да бидат упатени на доброволно служење на воен рок во АРМ.

Упатувањето на доброволно служење на воен рок во АРМ се врши врз основа на прикажани потреби на Армијата. Упатувањето на кандидатите на доброволно служење воен рок во АРМ се врши во три упатни рока (февруари, јуни и октомври) во една календарска година, во времетраење од 3 (три) месеци и се служи во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес.

Подетални информации околу доброволното служење војска се достапни на интернет-страницата на Министерството за одбрана.

Loading...
Преземено од ЗаСе.мк