Со лажни свидетелства работел како Командир на ТППЕ Старо Нагоричане

Сподели со своите пријатели

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против В.Д.(35) и Ш.З.(38), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против О.С.(50) од Старо Нагоричане поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Првопријавениот, како одговорен наставник за вонредни ученици во средното училиште „Цветан Димов“ – Скопје и второпријавениот, како директор во училиштето, на третпријавениот му изготвиле и издале четири лажни свидетелства и диплома за положен завршен испит. И покрај тоа што знаеле дека третопријавениот не бил запишан како вонреден ученик во 2012 и 2013 година, туку бил запишан на точно неутврден датум во 2014 година и не ги полагал сите испити по предметите, своерачно, со потписи и печат му изготвиле и лажна потврда.

Третопријавениот ги употребил како доказ во правниот сообраќај во повеќе наврати, како и при засновање на работен однос на неопределено време на работно место Командир на територијална противпожарна единица во општина Старо Нагоричане, за што од 1 јануари 2015 година до октомври 2017 година му се исплатени 34 месечни бруто плати во точно неутврден износ, за кој  го оштетил Буџетот на Р.Македонија.