Скоро 30.000 евра запленети на ГП Табановце (фото)

Сподели со своите пријатели

Во текот на минатата недела откриени се неколку обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, делови за мобилни телефони и фалсификати, информираат од Царинската управа на Република Македонија.

Вкупно 27.470 евра, 1.000 американски долари и 500 швајцарски франци, откриени во три одвоени случаи, на граничниот премин Табановце автопат.

Во првиот случај, била извршена контрола на германски автомобил со кој за влез во државата се пријавиле двајца германски државјани. Патниците изјавиле дека со себе носат околу 3.000 евра, но при контролата на возилото, под предното седиште, во торба од прва помош, биле пронајдени 40.000 евра, додека кај патниците биле пронајдени уште 3.000 евра. Согласно законските прописи на двајцата патници им биле вратени по 10.000 евра, износ што нерезиденти може слободно да го изнесат од државата, додека 23.000 евра биле привремено задржани.

Во вториот случај, при личен претрес на македонски државјанин, кој со германски автомобил се пријавил за излез од државата, во преден џеб од неговите панталони биле пронајдени 5.170 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека 3.170 евра се привремено задржани.

Во третиот случај, при личен претрес на двајца македонски државјани, кои со македонски автомобил се пријавиле за излез од државата, во заден џеб од панталоните на возачот биле пронајдени 3.300 евра, 1.000 американски долари и 500 швајцарски франци, за кои не поседувал документ за потекло, додека сопатникот носел 2.000 евра. Согласно законските прописи на возачот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека 1300 евра, 1.000 американски долари и 500 швајцарски франци се привремено задржани.

Во сите три случаи против сторителите ќе бидат поведени соодветни постапки.

фото: архива

Loading...