Сириските сили се повлекоа од Африн по турски артилериски напад

Сподели со своите пријатели

Сириските владини воени сили кои денеска започнаа да навлегуваат во реонот на градот Африн, што е под контрола на Силите за заштита на народот на сириските Курди, се повлекоа од реонот по преупредувачки артилериски оган на турската армија, јави агенцијата Анадолија.

Според истиот извор, сириските сили биле на одделеченост од 10 километри од Африн, кога „биле принудени да се повлечат“.

Сириските државни медиуми ја потврдија веста за турскиот артилерски напад, нагласувајќи дека  биле гранатирани станбени објекти во Африн во близина на местото на кое пристигнале војници на Армијата на Сирија.

– Турските сили гранаираа станбен реон недалеку од силите на Народниот отпор, кои дојдоа да им помогнат на луѓето од Африн во спротивставувањето со агресијата, се наведува во информацијата.

Според изјави на очевидци, на кои се повикува ДПА, најмалку пет артилериски гранати паднале во една улица низ која минувале сириските воени сили.

Претходно, сириската државна телевизија емитуваше снимка на конвој воени возила опремени со тешко оружје како влегуваат во Африн од блиското село Нубул, минувајќи покрај барикади со ознаки на курдските сили. На возилата се наоѓаат војници во маскирни униформи кои носат сириски знамиња и извикуваат пароли за поддршка на Владата во Дамаск.

Турција вчера побара од сириската Влада да не испраќа свои сили во Африн, додека трае турската воена операција против Силите за заштита на народот наречена „Маслиново гранче“, нагласувајќи дека „секое воено мешање на Сирија со цел да ги заштити курдските сили ќе има последици“.

Сириските државни медиуми уште вчера објавија дека владини сили се упатиле кон Африн, со цел да спречат турските војници да преземат контрола врз градот,

Телевизијата на либанската шиитска група Хезболах, чии припадници се борат на страната на сириските власти во конфликтот во Сирија, објави дека војниците кон Африн се упатиле од правец на Алепо.

Советникот во администрацијата на зоните под контрола на Курдите во северна Сирија, Бадран Џија Курд вчера изјави дека властите во Дамаск и силите на сириски Курди постигнале договор Армијата на Сирија да влезе во областа Африн за да помогне во спротивставување на турската офанзива „Маслиново гранче“.

Меѓутоа, Силите за заштита на народот утрово демантираа дека постигнале таков договор со Дамаск. – Нема договор. Имаше само повик од нас до сириската армија да дојде и да ги брани границите, изјави портпаролот на Силите за заштита на народот, Нури Мухамед.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган пак денеска изјави дека Турција очекува за неколку дена нејзините војници да започнат со опсада на градот,

Ердоган воедно и се закани на сириската Влада дека ќе се соочи со последици, доколку се здружи со Силите за заштита на народот против турската воена операција во Сирија, што започна на 20 јануари.

– Ако сирискиот режим тргне по тој пат, тогаш ќе има последици, истакна Ердоган и најави дека турската офанзива ќе продолжи согласно планираното.

Предупредувањата од страна на Ердоган создаваат можност за потенцијален судир меѓу Турција и сириските сили, кои имаат поддршка од Иран и Русија.

Сириската армија не е присутна во Африн од 2012 година, кога се повлече од поголемиот дел од северна Сирија. Нејзиното враќање во енклавата, каде се распоредени единици на регионални и меѓународни сили може да ја усложни ситуацијата и да доведе до несакани судири.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот на сириските Курди за огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија. ПКК, која се бори за автономија на Курдите на турска територија, се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.

Силите за заштита на народот, од друга страна, беа едни од главните сојузници на САД во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД), па турската офанзива предизвика тензии во однсите меѓу Анкара и Вашингтон.

Аналитичарите оценуваат дека е можно да се постигне договор сириската армија да влезе во Африн, а припадниците на Силите за заштита на народот да се распоредат подалеку од границата на Турција, што беше една од целите на турската операција „Маслиново гранче“.

Анкара ја почна операцијата во Африн откако доби дозвола од Русија, која го поддржува режимот на сирискиот претседател Асад. Поради тоа евентуален судир меѓу сириската армија и турските сили би можел да довде и до конфликт меѓу Русија и Турција.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска оцени дека ситуацијата во Африн може да биде решена преку директен дијалог меѓу Дамаск и Анкара. /МИА

Leave a Reply