Се одбележуваат 24 години од формирањето на АРМ

Сподели со своите пријатели

На 17 ноември 1991 година Собранието го усвојува Уставот на Република Македонија, според кој Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а одбраната на државата се организира со сопствени вооружени сили.

На 21 февруари 1992 година претседателот Киро Глигоров и претставниците на федералната армија потпишуваат договор за дислокација на ЈНА од Македонија со краен рок до 15 април. Армијата повлекувањето го завршува пред определениот рок, така што на 27 март 1992 година македонската територија ја напушти и последниот нејзин војник.

Со одвлекувањето на опремата и вооружувањето со кое располагаше ЈНА на територијата на Република Македонија, нашата земја остана со скромни борбени средства и воена опрема која беше во рамките на Територијалната одбрана. Сепак со нив успешно почна да се спроведува обуката и да се подготвува новоформираната Армија на Република Македонија за извршување на својата уставна улога и задачи.

Претходно, македонските војници организирани во Територијална одбрана успешно го извршија преземањето и обезбедувањето на границите и воените објекти на Република Македонија. Така, на 6 март 1992 година е преземен првиот воен објект- зградата на Републичкиот и Градскиот штаб на ТО во Скопје, а на 11 март 1992 година, од страна на ТО Крива Паланка е преземена правта караула “Рамна нива” на македонско – бугарската граница. На 26 март 1992 година припадниците на ТО на општина Чаир во Скопје го презедоа и последниот, но и најголем воен објект – сегашната касарна “Илинден”.

По завршувањето на сите подготовки за прием на первата генерација македонски војници во АРМ, на 14 април 1992 година, во касарната во Охрид пристигнува првиот регрут – Пане Јамадиев од Велес, а на 15 април во касарните во Скопје, Битола, Штип и Охрид е примена првата генерација млади војници во АРМ со што и започнува формирањето на Вооружените сили на Република Македонија.

Старешините и граѓанските лица на служба во АРМ кои се определија да останат во Република Македонија, ги прифатија основните системски решенија на државното раководство како единствена алтернатива на одбраната на Република Македонија.

Националната одбранбена политика и доктрина се одредени и се базираат врз основните цели на безбедносната политика на Република Македонија:

да ги заштитува животот и личната сигурност на граѓаните;

да ја гарантира независноста и територијалниот интегритет на државата, политичките слободи, граѓанските и човековите права, вклучувајќи ги и правата на религиозните, етничките и другите малцинства;

да ја гарантира материјалната благосостојба и просперитетот на граѓаните.

Oдбранбената политика на Република Македонија се базира врз следниве принципи:

Гардистите на АРМ
организирање на одбраната како систем кој овозможува реализирање на правото и обврската на секој граѓанин да ја брани земјата, гарантирано со Уставот;

организирање на одбраната за извршување на нашето право на индивидуална и колективна самоодбрана преку вооружена борба во случај на вооружен напад, гарантирано со членот 51 од Повелбата на ОН;

обезбедување на одбранбениот карактер на одбранбениот систем;

организирање на вооружените сили како одвраќач на агресија и други надворешни закани врз безбедноста на земјата, способни за вооружен отпор во случај на агресија;

организирање на одбраната за целосна заштита на суверенитетот на нашиот воздушен простор и за превенција од негова употреба за агресија врз трети земји;

еднообразност во употребата на вооружените сили.

фото:архива

Loading...