СДСМ: Повикуваме на смиреност, насилниците ќе одговараат

Сподели со своите пријатели

По вечерашните случувања во Собранието на Република Македонија, како и пред објектот каде беа повредени неколку пратеници, цивили и полициски службеници, повик за смиреност некоја минута пред полноќ пристигна и од седиштето на СДСМ, таму стои:

Режимот нема да ги спречи демократските процеси. Парламентарното мнозинство ќе ја спроведе граѓанската волја за правна и демократска Македонија.

Во моментите на еден од најголемите предизвици во историјата на Македонија, на крваво насилство поттикнато и креирано од режимот во распад на Никола Груевски, СДСМ повикува на максимална воздржаност и присебност од секој граѓанин, независно од каква било различност.

Повикуваме да останете смирени, истрајни и никој да не подлегнува на насилните сценарија и провокации за нереди на Никола Груевски и тесната криминална група околу него.

Потребно е секој да биде на ниво на својата одговорност и да придонесе кон смирување на тензиите, затоа што само така ќе се овозможи пат и натамошен развој на демократијата во Македонија којашто е врвен државен интерес.

Денес во Република Македонија е направен огромен исчекор напред во демократските процеси. Избран е нов претседател на Собранието, а во периодот што престои процесите ќе продолжат со конечно реализирање на мнозинската волја на граѓаните.

Сите оние кои денеска вршеа насилство врз легитимните претставници на граѓаните во Парламентот и врз Законодавниот дом, ќе се соочат со лична кривична одговорност – стои во соопштението од Бихаќка.