Речиси сите членови на ДИК си поднесоа оставки, Собранието треба да ги констатира оставките

Сподели со своите пријатели

Сите членови на Државната изборна комисија, освен најновиот член од партијата БЕСА,  Ермира Асани-Салија, веќе поднесоа оставки на функциите во овој највисок изборен орган. Пред една недела американскиот амбасадор обзнани дека членовите на ДИК си поделиле високи надоместоци за својата работа за време на локалните избори и последните неколку изборни циклуси.

Последни денеска оставки поднесоа членовите на ДИК од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев. Претходно, во текот на денот оставки поднесоа и Субхи Јакупи, предложен од ДУИ, и потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца, и членот Атанас Урумов, кои доаѓаат од редот на експертите.

Први на ваков чекор вчера се решија претседателот на комисијата, Александар Чичаковски, кој беше од редот на експертите, и членовите од СДСМ Виолета Дума и Игор Милев.

На првата наредна седница Собранието треба да ги констатира нивните оставки, но таа, се уште, не е закажана, иако според последните информации таа може да биде во петок, кога на дневен ред треба да биде и Предлог – буџетот за 2018 година.

Изборниот законик предвидува, откако оставките на членовите на ДИК ќе бидат констатирани, претседателот на Собранието во рок од три дена од денот на приемот на известувањето ќе треба да ги информира  политичките партии од власта и од опозицијата да му достават предлози за членови на ДИК.

Собранието го огласува изборот на претседател и членови на ДИК во Службен весник, а огласот трае осум дена. Потоа Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието подготвува предлог на листа од пријавените кандидати и ја доставува до Собранието.

Ако политичките партии не ги утврдат и не ги достават имињата на кандидатите за членови на ДИК во рокот, членовите на ДИК ги предлага Комисијата за Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Државната изборна комисија брои девет члена, претседател, потпретседател и седум членови. Од нив шестмина се на предлог на партиите, а тројца се од редот на експертите.

Членовите на ДИК ги избира Собранието со двотретинско мнозинство. Мандатот им е пет години, со можност за реизбор.

Извор: МИА

Loading...