Разбиена аргентинско-руска мрежа за шверц на кокаин

Сподели со своите пријатели

Поранешен руски дипломат и аргентински полицаец се меѓу шест лица кои се уапсени по 14-месечна истрага иницирана откако во Руската Амбасада во Аргентина била пронајдена поголема количина кокаин.

– Разбивме меѓународна организација за трговија со кокаин која работела меѓу Аргентина, Русија и Германија, изјави аргентинската министерка за безбедност Патриша Булрич.

Таа посочи дека се запленети 389 килограми кокаин, кој се наоѓал во училиште на приземјето од Руската Амбасада уште од декември 2016 година. Кокаинот бил вреден повеќе од 60 милиони долари.

Рускиот амбасадор во Аргентина, Виктор Коронели и тројца членови на руската Федерална безбедносна служба на 13 декември 2016 година ја известиле Булрич дека во просториите на Амбасадата има 16 сомнителни пакети. Булрич тогаш им наредила на двајца аргентински полицајци да влезат во училиштето во Амбасадата по што тие потврдиле дека во пакетите има кокаин. Тие торбите ги однеле на посебна локација каде што кокаинот го замениле со брашно и поставиле Џи-Пи-Ес уреди за следење.

После неколку обиди на шверцерите да ги изнесат пакетите надвор од земјата, операцијата била реализирана во декември 2017 година и пакетите биле испратени во Русија како дипломатска пошта во официјален руски авион.

– Дрогата никогаш не отпатува за Русија, само брашното, соопшти Булрич.

Тројца аргентински царински службеници отпатувале во Русија за да ја надгледуваат пратката по што биле уапсени двајца Руси кои дошле да ја подигнат од аеродромот.

Меѓу другите членови на шверцерската мрежа е и лице кое Булрич го нарече „господинот К“ кое ја обезбедило и доставило дрогата на неговиот контакт во Руската Амбасада. Ова лице е во бегство во Германија и за него е издаден меѓународен налог за апсење. Контактот на „господинот К“ во Амбасадата бил Али Абјанов, поранешен дипломат кој вчера бил уапсен во неговиот стан во Москва.

Абјанов помогнал во планирање на пратката заедно со двајца руско-аргентински државјани. Еден од нив бил Иван Близниук, полицаец од Буенос Аирес, кој ги обезбредил контактите пратката да помине преку аргентинската царина. /МИА

Leave a Reply