Расфрлани шприцеви и игли и натаму секојдневна слика за основците од „Кочо Рацин“ (фото)

Сподели со своите пријатели

Точно една година откако Центарот за зависности беше дислоциран од населбата Гоце Делчев во кругот на Општа Болница Куманово, но сликата многу не се промени.

 

Loading...

Старата локација, спроти ООУ „Кочо Рацин“ и натаму останува омилено место каде зависниците уживаат во наркотици. Околу објектот и натаму има расфрлани шприцеви и игли на секој агол, кои се грда глетка за малите основци кои секојдневно тука поминуваат, а тоа е закана и за нивната безбедност.

Тоа се сепак деца, не разбираат многу и може случајно да земат да се играат со шприцевите или уште полошо да згазнат на нив и да се повредат. Алармиравме до полицијата да ги зачести патролите околу објектот, но откако тој беше испразнет ретко патролираат. Како родител апелирам надлежните да преземат мерки за овој случај, јас моето дете го испраќам со страв на училиште да не се повреди или да гледа како некој се дрогира – вели загрижен родител на ученик од ООУ „Кочо Рацин“.

 

Откако кон крајот на 2015 година пред училиштето биле забележани три лица под видливо дејство на наркотици, од кои едниот уринирал, додека двајцата други, тетеравејќи се, довикувале недолични зборови кон учениците кои под придружба на наставнички биле испратени подалеку од местото на настанот, реакција имаше и од вработените во училиштето, а наставничката Ирена Анастасовска тогаш напиша:

Еден јавен апел или мала „критика“ до СВР Куманово. Да има вработени лица во дел на населбата „Гоце Делчев“ каде се наоѓа училиште кое е блиску до Центарот за зависници, а за кој со години чекаме да се дислоцира од истата област. НЕ и е место на ТАА ЛОКАЦИЈА близу УЧИЛИШТЕ и ДЕЦА кои секојдневно сами одат и доаѓаат на училиште. Секој треба да биде совесен дека и неговото дете може да се најде во близина на ваквите девијантни лица. Денеска само што ја видов глетката е доволна да каже СЕ!! Можеби ќе се најде некој совесен кој ќе поведе малку повеќе грижа дека е потребен надзор од овластени лица во тој регион.

Тогаш конечно во февруари минатата година по неколкугодишни апели по наредба на Министерството за здравство беше дислоциран Центарот за нарко зависници во кругот на кумановската болница. Родителите и наставниците конечно здивнаа и се надеваа дека работите ќе бидат подобри, но сепак година дена подоцна истата слика повторно ги престравува учениците.