Пукната цевка за вода направи хаварија во Проевце, поплавени куќи и подруми (галерија)

Сподели со своите пријатели

Пукната главна водоводна цевка која ги снабдува со вода за пиење од бунарите лоцирани во село Проевце деловите од градот кои се во високата зона, направи вистинска хаварија во овој дел од градот, откако големи количини вода како гејзер излегувале од земјата и поплавиле се наоколу.

Поплавени улици, подруми, домови, кал до колена е сликата која можеше утринава да се забележи во селото, а од притисокот при пукање на цевката, камења летеле на сите страни при што биле оштетени и неколку возила.

 

Loading...

 

Жителите од овој дел од градот револтирани од јавното претпријатие „Водовод“ утринава видно вознемирани раскажуваа за немилиот настан. Тие велат дека ова не е прв пат цевките на јавното претпријатие да им создаваат проблеми, со оглед дека ова е втора поголема хаварија за само 10 дена.

Бевме внатре, нешто тропаше, со мажот излеговме, кога видов колку оди вода, и како тече натаму велам отиде се. Луѓе од таму, ваму не можеме да помогнеме ништо си тече нема кој да помогне. Салата, кромит се ми е поплавено, подрумот, домот не ми е поплавен тука, но на мојата јатрва влезе внатре. Во понеделник, пред една недела исто имаше ваква поплава, се беше поплавено, подрумот, балконот. Земаа потпишаа ќе видиме ќе ви јавиме и толку – изјави жителка на село Проевце.

„Водовод“ е виновен за тоа, тие знаат кога е изведувана водата тие не биле тука, ги поделиле финансиите и сега ќе наваѓаме маана, плитко било, длабоко било, камион тежок поминувал. Во домот 70 сантиметри вода имав минатиот пат, за среќа водата преку шахтата во дворот не направи поголема штета, но поголемиот дел отиде кај соседите – рече жител на населбата.

 

Претседателот на месната заедница вели дека ова е горчлив проблем за жителите на селото.

Овој проблем е од поодамна, ние го известувавме  „Водовод“ неколку пати, последен пат ова е најголема штета од пукната цевка. Луѓето се револтирани, куќите се поплавени, имаме заеднички став, да не се дозволи работа и се надеваме дека „Водовод“ ќе излезе во пресрет да се стават подобри цевки, даваат гаранција дека ќе биде поквалитетна мрежата, кажаа дека тендерот им е при крај.  – изјави Аце Петковски, претседател на м.з. Проевце.

Директорот на Јавното претпријатие „Водовод“, Горан Стојковски вели дека изведувач на градежните работи во 2005 година бил Градежен институт Македонија А.Д. Скопје, а подизветувач на градежни работи Алфа Инжинеринг Радовиш, на машинскиот дел Турбо Инжинеринг Скопје, а ЈП „Водовод“ нема ингеренции во изведувањето, туку само го презеле одржувањето.

Овој вод носи вода за високата зона од бунарите во Проевце, зиграден е во период кога имавме проблеми со водоснабдување и тогашното раководство на град Куманово реши да се направат алтернативи за да нема проблеми со водоснабдување, значи ЈП „Водовод“ нема никакви ингеренции во изведување, само го одржуваме овој вод. За жал нон-стоп имаме дефекти и поради тоа во програма нар абота за 2017 година беше ставена замена на ова полиетиленска цевка која апсолутно не одговара за ваков тип на притисок кој го имаме таму со нова челична цевка. Одлуката за јавна набавка е завршена на 6ти март и се имаат пријавено на самиот тендер две фирми. Цената е 150.000 денари и работата ќе ја изведува Енергомонт Скопје при што се надеваме дека од почетокот на април ќе почне замена на ова полиетиленска цевка со челична цевка и конечно ќе биде надминат самиот проблем на населението со пукањето на оваа цевка – изјави Стојковски.

Моментално има доволни количини на вода и нема да има проблеми со водоснабдувањето во високата зона.

ЈП „Водовод“ со осигурителна компанија ќе направи проценка на штетите при што целата штета ќе биде надоместена.