Прва правосилна пресуда за предметот на СЈО „Таргет – Тврдина“

Сподели со своите пријатели

Условна казна од шест месеци доби еден од обвинетите во предметот „Таргет – Тврдина на СЈО, кој во постапката самоиницијативно ја признал својата вина. Ова е прва правосилна за предмет што го води ова обвинителство.

СЈО соопшти дека во овој предмет е раздвоена кривичната постапка за осуденото лице, чиј идентитет не се соопштува, а за кое, врз основа на признание на вина, е донесена пресуда на 17 ноември.

На обвинетото лице, на кое му се судело за учество во „Таргет“ за помагање на сторител во извршено кривично дело, односно бришење логови во Управата за безбедност и контраразузнавање, изречена му е условна казна од шест месеци затвор под услов да не го повори делото во следните две години.

Предлогот за раздвојување беше истакнат од страна на ова Јавно обвинителство, при што се имаше предвид интересот на обвинетото лице за побрзо завршување на постапката, како и економичноста и целисходноста на постапката, наведуваат од СЈО.

Во предметот споениот предмет „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.