Промоција на четвртиот дел од документарецот „Соколана нашата гордост“ (видео)

Сподели со своите пријатели

Четвртиот серијал од документарниот филм „Соколана нашата гордост“ во четврток со почеток во 19:30 часот ќе биде промовиран во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Проектот е во изработка на спортскиот новинар Марјан Стошевски, кој долги години известува за сите спортски настани во Куманово.

Целта на Стошевски е постарите генерации да се присетат на најубавите моменти за кои сведочи комплексот Соколана, а младите да дознаат за богатото минато на најголемиот спортски објект во градот каде се одиграле најголемите турнири и натпревари во историјата.

– Соколана е еден голем бренд на градот Куманово, па и на Република Македонија. Во Соколана се одиграа сите поважни настани од спортот, културата, забавата, со еден збор Соколана беше катче каде сите луѓе на градот Куманово наоѓаа место за уживање и рекреација. Овој четврти дел за Соколана е исто така надополнување на првите три и тука има дополнети сегменти кои се испуштени во првите три дела и се надевам дека овој филм ќе означи значаен белег во историјата на Соколана и градот Куманово, вели спортскиот новинар Стошевски.

Стошевски не планира да застане тука, неговата идеја за оживување на спомените од овој спортски комплекс ќе продолжат и во петтиот серијал, за кој вели дека можеби ќе биде и најдобриот, со оглед на тоа дека ќе се однесува на незаборавните кошаркарски турнири кои се одиграле на овој спортски терен.

– Што се однесува до самата промоција во четврток тука ќе бидат пуштени дел од сите четири филма за Соколана, а воедно ќе го најавам и петиот, можеби најважниот дел за Соколана, а тоа ќе биде документарниот филм за „Незаборавните кошакарски турнири“, единствени во Македонија, Југославиј, па и на Балканот можам да кажам и тука ќе бидат опишани сите детали за турнирите со кошаркари, со состав. Затоа ја користам оваа прилика да ги поканам сите љубители на добрата забава да дојдат и да се потсетат на убавите спомени од Соколана, затоа што Куманово и Соколана се заедничка нишка, а поголемиот дел од граѓаните се врзани за овој објект преку забава и други активности и верувам дека настанот ќе помине во најдобар ред и ќе се потсетиме на еден начин за сите убави моменти од саканата Соколана, изјави Стошевски.

На промоцијата ќе присуствуваа претставници на Македонскиот олимписки комитет, врвни спортисти од минатото, претставници од локалната самоуправа, а настанот ќе го отвори првиот човек на градот Максим Димитриевски.

Изградбата на соколскиот дом во Куманово започнала со полагање на камен -темелникот на 28 јуни 1923, и со повремени прекини, траела до крајот на 1930 година, при што се потрошени околу 1,200.000 динари. Најголемиот дел од средствата биле од доброволните прилози на населението и од приходите од сопствените активности. Од надлежните министерства и Дворот на кралот добиена е помош од 40.000, од Општината 30.000 и Скопската жупа 7.000, а земен е и заем 150.000 динари од Народната хипотекарна банка, кој не бил исплатен до 1941 година. Со голем труд и упорност на управите на Соколското друштво, Куманово се здобило со голем, монументален соколски дом кој за кој новинарот Стошевски денес прави ретроспектива на спортските настани кои се одиграле таму.

Во продолжение погледнете ги трите први дела од документарниот филм:

Loading...