Православните верници денес слават свети Никола – Летен

Сподели со своите пријатели

Во животот на православните верници, значајно место има свети Никола, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со многу внимание го празнуваат неговиот ден.

Loading...

Иако повеќе се празнува денот на неговото упокојување 19/6 декември попознат како Свети Никола – Зимен, сепак внимание му се посветува и на денот на пренесувањето на моштите на св. Николај од Мир во Бари на 22/9 мај, празник меѓу народот попознат како Св. Никола – Летен.

Кога во 11 век Мала Азија била освоена од Турците на удар биле, пред се, христијанските светилишта кои биле запалувани заедно со моштите на светителите. Поради тоа многу народи од овие краишта, па и од градот Мир се иселиле. Тогаш Св. Николај му се јавил на еден побожен свештеник од Бари (Италија) и му заповедал да раскаже меѓу народот, моштите на светителот да бидат пренесени од Мир во Бари. Во тоа време јужните краишта на Италија биле со православно население.

Така една експедиција од Бари, центарот на јужноиталијанската област Апулија, со три брода натоварени со жито, пристигнала во Мир, успеала да ги убеди жителите на овој град и црковните старешини да им ги дадат светите мошти. Така на деветти мај (с.с.)  1087 година патниците пристигнале во бари свечено пречекани од многу народ и со литии и други црковни обреди, моштите на Св. Николај биле положени во црквата на Св. Јован Крстител.

Многу болни дошле кај светите мошти брајќи исцелување, а многумина од нив си заминале навистина оздравени. Веднаш започнала изградбата на храм посветен на Св. Николај кој наскоро бил завршен, а во него биле пренесени и светите мошти коишто тука почиваат до денес.

Поради тоа овој датум, 9 мај по стариот или 22 мај по новиот календар се празнува како ден на пренесувањето на светите мошти на св. Николај Мирликиски, празник познат и под името Свети Никола – Летен. Некои семејства дури и цели села со литии и други обреди споменот на пренесувањето на моштите на св. Николај го празнуваат на 2 јуни, според новиот (или на 20 мај според стариот) календар.

Leave a Reply