13.03.2018 11:00

Поплавени улици и паднат кров на аптека по синоќешното невреме во Куманово


Кровна конструкција на приватна аптека „Зегин“ вчеравечер се сруши по краткотрајното, но силно невреме кое го зафати регионот на Куманово, а беше проследено со силни електрични празнења, обилни врнежи од дожд и град со големина на лешник.

Припадниците на Територијалната противпожарна единица интервенирале на паднатиот кров на аптеката лоцирана на улицата „Гоце Делчев“. Како што информира утринава Регионалниот центар за управување со кризи, нема повредени, а нанесена е материјална штета на објектот.

Интервенираа и сите надлежни екипи од јавните претпријатија „Водовод“ и “Чистота и зеленило“ кои интервенираа во расчистување на улиците.

Обилниот дожд ги преплави улиците, над 50 сантиметри вода имало на булеварите „Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ“, а скоро „пловни“ станаа и улиците „Гоце Делчев“, „Први мај“, „Доне Божинов“, како и останатиот дел од централното градско подрачје.

Поплавени објекти имало и во населбата Карпош. До Центарот за управување со кризи пристигнала пријава на поплавена работилница при што била побарана помош од пожарникарите.

На подрачјето на Општина Липково жителите пријавиле штети на засадената детелина, но и житните култури.


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments